Четворица загинати и десет повредени во руски напад врз Харков

Најмалку четири лица се убиени, а десет се ранети во рускиот напад врз станбена зграда во Харков во источна Украина во текот на ноќта, соопштија украинските власти.
– Како резултат на непријателски напад, петкатна станбена зграда во Харков е делумно уништена. Соседната станбена зграда е исто така оштетена, напиша на Телеграм Олег Синегубов, началник на регионалната воена администрација.
Градоначалникот на градот, Игор Терехов, изјави дека четири лица загинале. Синегубов рече дека десет лица се повредени, меѓу кои две момчиња на возраст од 6 и 11 години и едно 17-годишно девојче.
Во друг град во Харковскиот регион, Чугуев, градоначалничката Галина Минаева напиша на Телеграм дека две лица се ранети во „напад со непријателски дрон“ што погодил станбена зграда во центарот на градот.
Низ цела Украина синоќе беше прогласена тревога поради руските воздушни напади.






