Чифлигароски останува во притвор, Кривичен суд ја одби жалбата на одбраната

Бизнисменот Стојан Чифлигароски останува во притвор откако Кривичниот суд ја одбил жалбата на неговата одбрана против одлуката за определување на мерката.

Screenshot

Чифлигароски, кој по две години недостапност за органите на прогонот неодамна се предаде на граничниот премин „Свети Наум“, преку одбраната ја оспорил одлуката за притвор. Судот ја оценил жалбата како неоснована и го потврдил првичниот став за определување на мерката.

Како причина за притворот е наведена опасноста од бегство, односно потребата да се обезбеди неговото присуство во понатамошната судска постапка.

Чифлигароски е осомничен во кривична постапка за „злосторничко здружување“, „даночно затајување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Во предметот „Синџир“ се водел како еден од осомничените организатори на злосторничкото здружување.

Во рамки на истиот предмет, директори на компании поврзани со Чифлигароски биле осудени откако признале вина за даночно затајување и перење пари.

Чифлигароски е бизнисмен од Битола и сопственик на компанијата „СВ Инвест“, која во минатото добивала милионски тендери од РЕК Битола, а подоцна заминала во стечај.

Back to top button
Close