Човечноста и професионализмот на дело: Возач на ЈСП во невремето ги засолни патниците и безбедно ги однесе дома
При вчерашното силно невреме, кога низ Скопје паѓаа дрвја и летаа делови од покривни конструкции, возач на автобус на ЈСП со својата професионалност се погрижил патниците безбедно да стигнат до своите домови.

Во објава на Фејсбук скопјанка која се превезувала со автобусот на линијата 65 кон Раштак сведочи за настанот.
Вели дека невремето ги затекнало кај Бит-пазар, каде парчиња од околните објекти удирале во автобусот, а дрвја паѓале во непосредна близина.
И покрај опасната ситуација, возачот останал смирен и го однел автобусот на безбедно во гаражата во Автокоманда.
Таму почекал да помине најсилниот удар на невремето, по што го продолжил патувањето и ги однел патниците до нивните одредишта.
„Не нè остави на немилост на временската непогода. Почека да помине најлошото, а потоа сите нè однесе безбедно дома“, напиша скопјанката.
Таа му изрази благодарност за одговорноста и грижата.
„Во маката навистина се познаваат јунаците. Огромно браво и длабока почит за овој човек. Светот има потреба од повеќе вакви професионалци и луѓе со срце“, порача таа.






