Чупеска: Им се восхитувам на жените кои се борат со патријархатот
Професорката по политички науки Ана Чупеска, е една од оние жени кои гласно и јасно го кажуваат својот став и мислење, без оглед на реакциите (a и заканите) кои тоа ги предизвикува. Во разговорот, оваа млада интелектуалка, освен како непоколеблива прогресивна мислителка, ја запознавме и како современа млада жена, со свои соништа, желби и секојдневни рутини.
Трн: Кога беше најсреќна?
Ана: Да се зборува за сопственото чусвство на среќа е една од попредизвикувачикте теми. Никако не би можела да издвојам конкретна ситуација, иако, секско дека сум почувствувала и екстатично среќни моменти, како и среќни моменти со понизок интезитет низ 42ве години живот. Инаку, секојдневно чуствувам среќа во некои вообичаени, па дури и банални работи, регуларни рутини и активности како спортување, читање, музика, добар филм.
Трн: Од што најмногу се плашиш?
Ана: Најмногу се плашам од последиците предизвикани од сторени непроправливи зла, а поврзани со налети на нехумани егзибиции кои секојдневно се повеќе ги има. Ова, особено се занемарува во нашата актуелна ера која претрпува радикална социолошка, политичка, економска, биосферна трансформација, и е под налет на засилен и брутален неолиберализам кој никако да го зауздаме. Тоа ме плаши. Дехуманизацијата и неизвесниот тек на историјата.
Трн: На која жива личност најмногу и се восхитуваш и зошто?
Ана: Неможам да издвојам една личност, но, би рекла можеби на Далај Лама и на Дејвид Линч. Обајцата се посветени на специфични духовни димензии и креации, кои ги надминуваат секојдневните видливи дразби и површните човечки потреби и мотивации. Им се восхитувам и на жените од моето секојдневие и воопшто жените во нашето општество кои неуморно и храбро се борат со патријархот (и дома и надвор од дома).
Трн: Како изгледа совршеното општество и дали одиме натаму?
Ана: Ми се чини дека не постојат совршени општества. Самите луѓе не се совршени па така не се ни општествата. Но, она што нè разликува од животните – токму капацитетот за разум и за социјална интеракција – е тоа што дава основа да копнееме, обмислуваме и делуваме во правец на усовршување и подобрување на нашите општествено политички состојби и тоа дава уникатна можност за раст.
Утопизмот, не е моја преференца. Можеби тоа би била една градуална и секојдневно подобрувачка тенденција на општетвството во прогресивен хуманизам, особено, во услови какви имаме денес: ударна дигитализација, еколошки дисбаланс, воено – политичка поделеност на светот, идеолошка деконструкција, неконзистентност на морално- вредносните системи. Оттука, не сум сигурна дека баш се движиме на линеарно прогресивна историска трака. Впрочем историјата памети и хуманитарен и истогриски регрес (марачното доба на средниот век, на пример ) и затоа многу треба да сме претпазливи во контекст на новото време и неговите предизвици.
Трн: Што ти е највредно од она што го поседуваш?
Ана: Можеби звучи хипохондричко, но, со сигурност тврдам дека тоа е здравјето. За мене највредно е моето здравје и се разбира здравјето на мојата фамилија. Факт е дека здравјето денес се доведува во прашање прво и основно од енвироменталистичките атаци, а исто така, тоа е под удар на актуелниот социо-полтички динамизам кој не ретко создава и ментални и емотивни растројства. Верувам не сум осамена со ваков впечаток.
Трн: Што те разочарува?
Ана: Немање осет за последиците од личните и колективните акции и делувања. Или, немање капацитет за промисла, за интроспекција ,за лична одговорност. Токму такви “карактери” се некои од причините за нанесување на непоправливи зла, на катастрофални неправди во пошироки размери.
Трн: Некои велат дека фашизмот се повампирува, некои дека ова се сосема нови десничарски идеологии, што се случува на македонската политичка сцена?
Ана: Од тие сум што сметаат дека фашизмот не е поразен со крајот на ВСВ. Она што е направено, е дека тој е акомодиран и проблечен во десен центар, кој денес е насекаде радикализран, па и кај нас. Дури би рекла дека не е ни радикализиран , туку е само разголен, а нам ни се чини како радикален. Тој е тука од секогаш, но сега, во добата на рапидна социополитичка и економска трансформација е видлив со голо око.
И во новите и во старите фашистички идеологии вредносното јадро е исто и повторувачко. Тој е само преоблечен во актуелни термини, а се бави со исти теми и содржи ист капацитет за омраза, уништување и ексклузивизам
Анти-интелектуализмот од вчера е анти-скиентенизмот денес. Ксенофобијата од вчера е исламофобијата денес. Конспирации, Антиваксерај, Кјуанон, и уште папазјанија од асоцијативна омраза кон Другиот и кон Разумот е секое лице на фашизмот, и на стариот и на новиот.
Кај нас е исто. Фашизмот го има, ама ние се плашиме да го именуваме како таков. И ова, е исто така загрижувачка позиција.
Трн: Лево или десно?
Ана: Лево и солидарно.
Трн: Доколку би можело да се патува назад низ времето, каде и во која година би заминала?
Ана: Искрено, повеќе би сакала да патувам во иднината… Но ако треба да изберам период од минато, би сакала да се лоцирам во добата на Ренесансата за да доживеам искуство врзано за тој нов антропоцентичен почеток – по неколку векови на тотален мрак.
Трн: Дали и како се опушташ?
Ана: Секако дека се опуштам. Со слушалки во ушите.
Трн: Дали водиш љубов или љубовта те води тебе?
Ана: Едното без другото не би имало никаква смисла.
Трн: Ако си трн, кого би сакала да боцнеш?
Ана: Веројатно гума на некое превозно средство што загадува.