ЧУВСТВО ЗА ОСЕТ
„Имам чувство“, рече премиерот Христијан Мицкоски, „дека набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на Влада и нивни блиски од семејството ќе бидат опфатени со одредени прогони. Не велам дека имам информации, имам чувство.“
Од кога личното чувство на премиерот е поважно од информациите? Од тогаш од кога за неговите чувства треба да има осет новиот државен обвинител Ненад Савески. Малку му е што само што беше избран доби задачи од премиерот Мицкоски, кој јавно од собраниска говорница кажа што очекува од него, па сега ќе мора да води сметка и за чувствата на премиерот. Особено што Мицкоски вели дека чувствата за гонење бивши функционери на СДСМ му стануваат сѐ посилни.
Му се може на Мицкоски. Апла му се може, само што за разлика од претходните премиери тоа не го ни крие. Кога премиер ќе даде задача, таа мора да се заврши. Неговите чувства се како работен налог за обвинителот. Ако не, ќе го отпушти. Како и што си го избра.
Само, ако веќе гонат функционери на СДСМ, нека бидат џентлмени, како што беше СДСМ кога гонеше функционери на ВМРО-ДПМНЕ, па го пуштија Никола Груевски да избега. А за тие што не избегаа го сменија законот за побрзо да им застарат делата. Па после, власта ќе вика дека ќе ги стави в затвор. Ако се вратат. И ако не им застарат делата.
Нѐ извади од памет премиерот Мицкоски кога закажа прес-конференција среде продолжен викенд. Скраја да е, сешто може да си помисли човек кога премиер вонредно ќе се појави на неколку часа пред Велигден. Ама, тој само убави работи кажува, па на јавноста ѝ соопшти дека очекува на следната седница Регулаторната комисија за енергетика да донесе одлука со која ќе се намали цената на горивата.
Значи, Мицкоски не е само обвинител. Тој е и претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Само што, за разлика од одлуката кој треба да се гони што ја носи врз основа на чувства, а без информации, одлуката колкава треба да биде цената на горивата ја носи врз основа на „калкулација и пресметка“. Така кажа.
Дупло проверено. За да се осигура дека му е добра калкулацијата, направил и пресметка. Исто како што за да се осигура дека ќе бидат гонети бивши функционери на СДСМ има чувство дека тоа ќе бидат „премиери и претседатели на Влада“.
Туку, да точиме ли бензин викендов? Или да чекаме до понеделник навечер? Што вели калкулацијата и пресметката на премиерот? Какви цени на горивата тој очекува да одреди Регулаторната комисија?
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






