ЦИА вели дека короната најверојатно потекнува од лабораторија
ЦИА сега веруваат дека вирусот одговорен за пандемијата Ковид-19 најверојатно потекнува од лабораторија, а прстот го вперуваат кон Кина, иако имаат „ниска доверба“ во своите заклучоци.
Проценката не се должи на нови разузнавачки информации, туку на деклацифицирање на извештај од ЦИА, по налог на новиот директор Џон Ретклиф кој во четврток положи заклетва.
Севкупниот доказ го прави лабораториското потекло на вирусот многу поверојатно од природното потекло. Но, проценката на агенцијата му доделува низок степен на доверба на овој заклучок, што сугерира дека доказите се дефицитарни, неубедливи или контрадикторни.
Претходните извештаи за потеклото на Ковид-19 беа поделени околу тоа дали коронавирусот потекнува од кинеска лабораторија, потенцијално по грешка, или дали се појавил природно. Поради недостаток на соработка од кинеските власти, новата проценка веројатно нема да ја реши оваа дебата.
Републиканскиот сенатор Том Котон од Арканзас, претседател на Комитетот за разузнавање на Сенатот, истакна дека е „задоволен што ЦИА во последните денови од администрацијата на Бајден заклучи дека теоријата за лабораторија е најверојатното објаснување“ и го пофали Ретклиф за декласификација на извешатајот.
„Најважното нешто сега е да ја натераме Кина да плати за пуштањето на ова зло во светот“, истакна Котон.
Кинеските власти ги отфрлија шпекулациите за потеклото на Ковид-19 како непродуктивни и политички мотивирани. Според портпаролот на кинеската амбасада во САД, извештајот на ЦИА нема кредибилитет:
„Ние цврсто се спротивставуваме на политизацијата и стигматизирањето на изворот на вирусот и уште еднаш ги повикуваме сите да ја почитуваат науката и да се држат настрана од теориите на заговор“,
Иако потеклото на вирусот сè уште е непознато, најверојатната хипотеза за научниците е дека вирусот се пренесувал меѓу лилјаци, како и многу коронавируси, пред да зарази друг вид. Инфекцијата потоа се проширила на луѓе кои имале контакт со животните или ги купиле на пазарот во Вухан, каде што биле пријавени првите случаи на зараза кон крајот на ноември 2019 година.
Ратклиф, пак, кој беше директор на национално разузнавање за време на првиот мандат на Трамп, рече дека го преферира објаснувањето со лабораторијата:
„Ова е единствената теорија која е поддржана од науката, интелигенцијата и здравиот разум“, изјави тој во 2023 годна.
Од ЦИА рекоа дека ќе продолжат да истражуваат. (АП)