Циганско лето

Да е кутија „gitanes“, може да ја стуткаш и да ја фрлиш. Темава ниту може да се стутка, ниту да се скрие под тепих, иако со години се турка на некој седми колосек, како нешто неитно, небитно, нешто што може да почека. Снимката од полициската бруталност врз Роми, кои под дејство на алкохол удриле во електричен столб во Битола, е повеќе од аларм – не само за професионалните и етички стандарди во полицијата, туку за целото општество.

Секој ден се случуваат сообраќајни незгоди и прекршоци. За тоа се предвидени казни, а не волунтаристички испади на униформирани лица. Без разлика каква е приказната – „пијана“, социјална, станбена, образовна или здравствена, сите имаат еден заеднички именител: Ромите и натаму се во епицентарот на дискриминацијата, сегрегацијата, предрасудите и стереотипите.

Таканаречената „Декада на Ромите“ и акциските планови за нивна интеграција дадоа одредени резултати, особено во сферата на образованието, но се чини дека и тоа не е доволно, бидејќи и образованите и интегрираните Роми воопшто не се поштедени од дискриминација.

„Зошто имам пасош, ако не смеам да излезам од државава“, прашуваше младата актерка Емра Куртишова,  вработена во Театарот за деца и младинци, кога во 2014 година беше спречена да отпатува кај својата сестра во Германија. На гарантното писмо и на потврдата за вработеност од матичната куќа им пресуди полицаецот од аеродромската пасошка контрола: ѝ го поништи авиобилетот, со оценка дека нејзините 500 евра не се доволна сума пари за престој во Германија.

Истата година, 21-годишниот Б.С. доби 13 години казна затвор. Во заблуда сте ако мислите дека извршил убиство. Беше обвинет за учество во групно разбојништво на спортскиот аеродром Аџитепе во Куманово, кога четири лица наводно нападнале тројца имигранти од Авганистан и им украле 100 евра. Да е апсурдот поголем, неговиот татко тврдеше дека неговиот син воопшто и не бил вмешан во посоченото разбојништво. Но, Ромчето си доби 13 години.

Целата колумна на Катерина Блажевска на Призма.

Back to top button
Close