Црногорскиот министер за надворешни работи го посети Бошњачкиот демократски сојуз
Потпретседател на Владата на Црна Гора и Министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ најпрво го посети Бошњачкиот демократски сојуз во рамки на својата прва службена посета во земјата.
Дeлегација на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС), предводена од претседателот Мунир Колашинац, и делегација на Бошњачкиот национален совет (БНС) во Северна Македонија, предводена од претседателот Џевад Хот, вечерва се состана во седиштето на БДС во Скопје со министерот за надворешни работи на Црна Гора и претседател на Бошњачката партија (БС), Ервин Ибрахимовиќ.
Претседателот Колашинац изрази особено задоволство од средбата со шефот на црногорската дипломатија и претседателот на БС, при што истакна дека БДС, како бошњачка партија, е подготвена да ги стави на располагање сите свои капацитети за доброто на Бошњаците во земјата и регионот, а во овој случај особено со Бошњаците од Црна Гора.
На состанокот беа реафирмирани исклучително добрите односи меѓу Северна Македонија и Црна Гора, но истовремено беше нагласена и можноста за соработка во многу области од заемен интерес.
Делегацијата на БДС го информираше министерот Ибрахимовиќ за важните општествено-политички текови во Северна Македонија и го запозна со статусот и положбата на Бошњаците во мултиетничкото општество во земјата.
Претседателот на БДС, Колашинац, го запозна министерот и претседателот на БС, Ибрахимовиќ, со работата и активностите на БДС со цел подобрување на животот на Бошњаците во Северна Македонија, како и за сите напори што оваа политичка партија ги презема со цел подобро поврзување со сите Бошњаци во регионот.
На маргините на состанокот беше потврдена и потребата од меѓусебна соработка од заемен интерес.
Претседателот на БДС, Колашинац, му посака на шефот на црногорската дипломатија пријатен престој во Скопје и успешна работа во рамките на неговата прва официјална посета на Северна Македонија.