Филипче: Владината коалиција е навистина нестабилна, будно ги следам актуелните меѓупартиски односи

Сметам дека владината коалиција е навистина нестабилна. Како ќе се одвиваат работите во коалицијата ќе видиме, меѓутоа јас сум спремен да разговарам со апсолутно која било политичка партија, изјави денеска претседателот на Социјалдемократскиот сојуз Венко Филипче, по заедничкиот увид со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во градежните активности за реконструкција на спортската сала Работнички во Градскиот парк во Скопје.

Во врска со претстојните локални избори и можниот коалициски партнер од албанскиот политички блок, Филипче посочи дека будно ги следи актуелните меѓупартиски односи во владината коалиција и дека веќе се отпочнати иницијативи за разговори. Тоа што се случува во владината коалиција, според лидерот на опозициската СДСМ, укажува на тоа дека коалицијата е нестабилна и дека не функционира добро.

– Во однос на албански коалициски партнер, постепено ги започнуваме иницијативите за разговори, ги согледуваме околностите, ситуациите, пратиме што се случува во делот на коалицијата во Владата, па во однос на тоа ќе одлучуваме понатаму. Тоа што се случува во коалицијата на Владата укажува на тоа дека навистина коалицијата е нестабилна и не функционира добро. Во различен временски период, прилично краток, дијаметрално спротивни ставови во однос на тоа дали ќе има или ќе нема предвремени избори, што го става во контекст на односите во рамките на коалицијата. Дека не функционира таа коалиција, практично граѓаните тоа на своја кожа го доживуваат и секој ден – вели Филипче.

Прашан дали ќе бара предвремени парламентарни избори заедно со локалните, Филипче рече Социјалдемократскиот сојуз е спремен за секаков тип на избори во следниот период.

– Ние сме спремни што и да се случи во следниот период, дали ќе има само локални избори, дали ќе има заедно со локалните и предвремени парламентарни избори, Социјалдемократскиот сојуз е спремен за секаков тип на избори во следниот период – рече Филипче.

Нагласи дека коалицијата во која што партиципира Социјалдемократскиот сојуз ќе настапи заеднички на претстојните локални избори, како и дека веќе се започнати разговори за советничките места, но, како што рече, не во сите општини поради што некаде дел од партиите ќе настапат самостојно.

– Коалицијата во која што партиципира Социјалдемократскиот сојуз ќе настапи заеднички на следните локални избори, веќе се започнати разговори за советничките места, но не во сите општини поради тоа што во некои од општините дел од партиите ќе настапат самостојно, меѓутоа коалицијата оди заедно на локалните избори – нагласи Филипче.

Според него, истрагата за трагедијата во Кочани е селективна и вработени во клучни институции после трагедијата не добиваат навремена плата.

– Една лоша стратегија во економијата, немање реализација на капиталните инвестиции, огромен број на институции коишто не делат плата на вработените. Внимавајте клучни институции посебно, во овој временски период после трагедијата во Кочани, дел од инспекторатите без плата, дел од социјалните служби, Министерството за култура, Министерството за економија, едноставно лош перформанс на Владата. Ние тоа секојдневно го објаснуваме дека истрагата за трагедијата во Кочани е страшно селективна – вели Филипче.

Back to top button
Close