Мицкоски за правосудниот испит: Доставивме предлог до Венецијанската комисија, се чека нивното мислење кое е задолжително за преговорите со ЕУ

Предлогот за решавање на прашањето со полагањето на правосудниот испит е доставен до Венецијанската комисија, а Владата ќе ги утврди следните чекори откако ќе го добие нејзиното мислење, порача премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања.

Одговарајќи на прашање од пратеникот Скендер Реџепи, Мицкоски рече дека мислењето на Комисијата е важно за понатамошното постапување, особено во контекст на преговарачкиот процес со Европската Унија.

Тој посочи дека доколку мислењето биде негативно, ќе треба да се разгледа дали предлог-законот воопшто ќе биде доставен до Собранието. Доколку, пак, биде позитивно, очекува решението да го прифатат сите пратеници.

Мицкоски изрази жалење што во изминатите 20 години, како што рече, ниту една претходна влада не успеала да најде решение за ова прашање, иако на власт се менувале министри од различна политичка и етничка припадност.

Премиерот нагласи дека процесот досега се водел транспарентно и дека Владата, заедно со Министерството за правда, ќе го почека мислењето на Венецијанската комисија пред да одлучи како ќе продолжи постапката.

Back to top button
Close