МПЦ – ОА го осуди насилството врз жените и фемицидот, најави едукација на свештенството за нивно препознавање
Најостра осуда на сите облици на насилство, особено семејното насилство, насилството врз жените, врсничкото насилство и насилството во дигиталниот простор денеска упатија од Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), оценувајќи дека тие се неспојливи со христијанските вредности и почитувањето на човековото достоинство.

На редовната седница, одржана денеска, Синодот изрази загриженост поради зголемувањето на насилството и ширењето на нетрпеливоста, гневот и омразата во општеството.
На редовната седница во работен состав, одржана денеска, Синодот разгледал повеќе прашања поврзани со црковниот живот, воспитно-образовните институции и општествените случувања во земјата, при што особено внимание посветил на сè поизразеното насилство, ширењето на нетрпеливоста и омразата во општеството.
„МПЦ – ОА со загриженост ги следи настаните поврзани со сè поизразеното насилство и ширењето на омразата во општеството. Во таа насока, МПЦ – ОА јасно и недвосмислено истакнува дека секој вид насилство, вербално и физичко, особено семејното, насилството врз жените, врсничкото и насилството во дигиталниот простор, вклучително и на социјалните мрежи, е апсолутно неприфатливо“се вели во соопштението.
Од МПЦ – ОА посебно го осудија фемицидот, оценувајќи го како најсуров облик на насилство врз жените и недозволиво посегнување по светоста на човечкиот живот.
„Како значаен општествен чинител, МПЦ – ОА ја афирмира и активно придонесува кон негувањето на културата на соживот, почитувањето на човековото достоинство, солидарноста и грижата за секој човек, без оглед на неговите политички, идеолошки и лични убедувања, социјалниот статус или верската или религиозна припадност, доследно почитувајќи го начелото за еднакво достоинство на секој човек“,додаваат оттаму.
Владиците, членови на Синодот ја посочија и подготвеноста на МПЦ – ОА за соработка со државните институции, верските заедници и другите релевантни организации во спречувањето и надминувањето на овие општествени појави.
Посочија дека свештенството и досега совесно и одговорно ја извршува својата пастирска служба, вклучително и во однос на предизвиците поврзани со разните облици на насилство.
Воедно, оттаму ја истакнаа и потребата од континуирана едукација и обука на свештенството за препознавање и соодветно постапување во случаи на насилство, особено семејно насилство и насилство врз жените.
Целта, како што посочуваат, е свештенството да може да им даде соодветна поддршка на лицата погодени од насилство и навремено да ги упати до надлежните институции и стручни служби.
Ставот на МПЦ-ОА доаѓа по серијата реакции во јавноста поради случаите на насилство врз жените и фемицидите. На 25 ноември, на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“ организира протестен марш од пред Собранието до Министерството за внатрешни работи, барајќи итна институционална одговорност и навремена заштита на жртвите на родово базираното насилство.
Пред зградата на МВР, учесниците поставија импровизиран гроб со натпис „Овде почиваат телата на 59 жени жртви на институциите“, обвинувајќи ги институциите дека не ги штитат жените и дека не постапуваат соодветно по пријавите за насилство. Од иницијативата најавија нов протест за две недели во паркот „Жена борец“.






