По прозивките, Гаши вели дека чека мислење од Владата за законските измени против фемициди

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, изјави дека до неговиот кабинет и до собраниските служби сè уште не пристигнало формално барање за закажување итна седница посветена на насилството врз жените и семејното насилство. Во однос на законските измени што се во собраниска процедура, тој посочи дека законодавниот дом чека мислење од Владата за да продолжи со нивното разгледување.

Одговарајќи на новинарско прашање во Собранието, Гаши наведе дека штом добијат официјално барање за седница околу актуелната состојба со насилството врз жените, веднаш ќе постапат по него. Според неговите зборови, за законот што веќе е во собраниска процедура е испратено барање за мислење до Владата и се очекува по добивањето на тој документ постапката да продолжи во Собранието.

На новинарската забелешка дека денешната седница за пратенички прашања, на која се очекува присуство на премиерот, е можност да се потсети извршната власт побрзо да го достави мислењето, Гаши оцени дека станува збор за болно и чувствително прашање за сите носители на јавни функции, но и за новинарите и граѓаните.

„Мислам дека сакаат тоа што побргу да се донесе и да се намали насилството врз жените и воопшто да го нема. Тоа ќе биде борба која ќе треба сите да ја извојуваме заедно“, изјави претседателот на Собранието.

Изјавата на собранискиот спикер доаѓа откако Мрежата за заштита од дискриминација започна јавна кампања наречена „Ѕид на срамот“ и прв го прозва токму Гаши. Од граѓанската организација реагираа дека измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, поднесени по скратена постапка на 26 август 2026 година, три месеци чекаат да бидат ставени на дневен ред, додека во текот на 2026 година во земјава се регистрирани седум фемициди.

Back to top button
Close