Тело на 20-годишник пронајдено во замрзнувач оставен на улица во Холандија
Шокантно откритие во холандскиот град Утрехт, каде што телото на 20-годишен маж било пронајдено во замрзнувач оставен на тротоар пред семејна куќа. Случајот ја отвори и темата за постапувањето на социјалните служби, кои претходно му помагале на семејството.

Телото било откриено околу 13:20 часот на улицата Тимерштраат, во населбата Пијлсверд, откако случаен минувач го забележал замрзнувачот. Според жителите, тој стоел на истото место околу две недели, делумно прекриен со вегетација.
Починатиот бил син на сириско семејство кое живее во куќата пред која бил оставен замрзнувачот. Неговиот татко за холандскиот јавен сервис НОС раскажал дека момчето пристигнало во Холандија на 15-годишна возраст, пред остатокот од семејството, и подоцна западнало во лошо друштво. Според претходни медиумски извештаи, имало проблеми со дрога, поради што често доаѓало до несогласувања со семејството.
Таткото тврди дека локалните социјални служби го советувале да не го пушта синот во домот, предупредувајќи го дека во спротивно би можел да ги изгуби другите деца. Социјалниот тим потврдил дека бил вклучен во помошта за семејството, но не одговорил дали навистина му бил даден таков совет.
„Тато, ми е студено, пушти ме внатре“, биле последните зборови што, според таткото, синот му ги упатил кога последен пат тропнал на вратата, во неделата.
Градоначалничката на Утрехт, Шарон Дајксма, најавила проверка на постапувањето на социјалните служби. Според првичните информации од полицијата, смртта најверојатно не е последица на кривично дело. На телото не биле забележани надворешни повреди што би упатувале на насилство, но потребни се дополнителни испитувања за да се утврди точната причина за смртта и околностите во кои младиот човек завршил во замрзнувачот.






