САД одобрија можна продажба на опрема за одржување на авионите „Ф-16“ на Украина во вредност од 621,9 милиони долари
Пакетот што го побарала украинската влада опфаќа уреди активирани со експлозивно полнење, лабораториска опрема, како и логистичка поддршка за транспорт

Американскиот Стејт департмент донесе одлука со која одобрува можна продажба на воена опрема и услуги за одржување на борбените авиони „Ф-16“ на Украина, во проценета вкупна вредност од 621,9 милиони американски долари.
Како што се наведува во соопштението, набавката ќе се финансира преку средства од мултинационалната програма JUMPSTART, обезбедени од Белгија, Данска, Холандија и Норвешка, што значи дека во овој трансфер нема да бидат вклучени американски финансиски средства.
Пакетот што го побарала украинската влада опфаќа уреди активирани со експлозивно полнење, лабораториска опрема, како и логистичка поддршка за транспорт. Овие ставки ќе бидат додадени на претходно реализиран договор, чија вредност била под прагот што бара известување до Конгресот.
Од Стејт департментот посочуваат дека предложената продажба ќе ги подобри капацитетите на Украина за справување со тековните и идните закани, преку дополнително опремување за спроведување мисии за самоодбрана и регионална безбедност, со помош на посилен систем за воздушна одбрана. Украина, се додава во соопштението, нема да има потешкотии при интегрирањето на оваа опрема и услуги во своите вооружени сили.
Реализацијата на договорот, за кој главниот изведувач ќе биде избран преку конкурентна постапка, спроведена од Владата на САД, нема да бара испраќање дополнителни претставници на Владата на САД или на изведувачите во Украина, ниту пак негативно ќе влијае врз одбранбената подготвеност на САД, се додава во информацијата.
„Предложената продажба ги поддржува надворешнополитичките цели и целите за национална безбедност на САД, преку зајакнување на безбедноста на една партнерска земја“ пишува во соопштението






