Брисел најави 338 милиони евра помош за Македонија, Албанија и Црна Гора

Европската Унија испрати порака до земјите од Западен Балкан да го забрзаат спроведувањето на реформите и да ја искористат можноста за членство. Повикот го упати претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, по самитот со лидерите на Црна Гора, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина и Косово.

„Одржете го темпото и спроведете ги реформите што ќе ве доведат во Европската Унија. Проширувањето е реална можност и таа треба да се искористи“, порача Коста.

Тој посочи дека напредокот на Црна Гора и Албанија покажува оти членството во Унијата е достижна цел за земјите што се посветени на реформите. Како пример го наведе и почетокот на подготовката на договорот за пристапување со Црна Гора, процес што не бил започнат повеќе од една деценија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека приемот на нови членки е во интерес и на самата Унија, особено во услови на брзи промени во меѓународните односи.

Таа најави дека Брисел на почетокот на следната година ќе започне дијалог со секоја од земјите од Западен Балкан за постепена интеграција. Дополнително, Европската Унија ќе обезбеди финансиска помош од вкупно 338 милиони евра за Македонија, Албанија и Црна Гора, која треба да биде исплатена во следните недели.

Србија не учествуваше на самитот. Коста нејзиното отсуство го поврза со преодната политичка фаза низ која, според него, минува земјата по победата на студентското движење на парламентарните избори пред неколку недели.

Србија беше и единствената земја од регионот што не ја поддржа завршната декларација на самитот. Во документот се истакнуваат значењето на помирувањето и добрососедските односи, а се осудуваат величењето на воени злосторници, негирањето на геноцидот и историскиот ревизионизам како постапки спротивни на европските вредности.

Back to top button
Close