Филипче: Мицкоски дефокусира за да избегне одговорност за Алта банка
Мицкоски дозволи Алта Банка да влезе во Македонија, а сега наместо да одговори зошто и како се случило тоа, се обидува да ја дефокусира јавноста и да ја избегне одговорноста, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју во „Ноќно студио“ на 4ТВ. МИА интегрално го пренесува соопштението на СДСМ со делови од интервјуто на Филипче.
Филипче посочи дека истиот сопственик, чија една компанија била одбиена, преку друга компанија добил можност да влезе на македонскиот пазар, додавајќи дека самиот Мицкоски потврди оти Алта Пеј била одбиена, но не одговори на клучното прашање: зошто потоа била дозволена друга компанија на истиот сопственик?
„Значи, една компанија на Давор Мацура одбиваат, друга дозволуваат да влезе во земјата. Зошто? Освен ако не е некаква форма на комуникација, политички дил и притисок со автократскиот режим поранешен во Србија. Логично ли е прашањето? Логични прашања поставуваме, а тие дефокусираат и се обидуваат да избегнат одговорност“, рече Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ не изнесува претпоставки без основа, туку поставува конкретни прашања на кои власта мора да даде одговори. Особено што последиците од влезот на Алта Банка веќе ги чувствуваат граѓаните и компаниите.
„Ако еднаш си го одбил човекот преку една компанија, тој влегол преку друга. Па што се случило во меѓувреме? Нели е логично прашањето? И на крајот на краиштата, па ние не збориме дека тука дошла Дојче банк или некоја голема американска банка. Дојде криминалната, најголема пералница на пари на Вучиќ кај нас и резултатот го видовме“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека денес веќе не станува збор за предупредувања што би можеле да се остварат, туку за последици од кои граѓаните не можат да ги повлечат своите средства.
„Ние сега не предупредуваме: „Ова ќе се случи, тоа се случи.“ Се случи тоа на што ние предупредувавме претходно. Има ли поголем доказ за тоа дека овие прашања се логични и дека сме биле во право?“, рече Филипче.
Филипче потенцираше дека проблемот не е само во самата банка, туку во политичкото влијание и поврзаноста со структури за кои СДСМ подолго време предупредува. Тој нагласи дека српскиот свет не е српскиот народ, туку политиката на СНС и режимот на Вучиќ.
„Српскиот свет не се ни Србија ни Србите, братскиот народ, туку е СНС, партијата на Вучиќ и неговиот автократски режим, којшто переше пари, шверцуваше дрога и носеше руски пари. Тоа е српскиот свет“, рече Филипче.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ






