Кошта: Напредокот на Црна Гора и Албанија докажува дека пристапувањето кон ЕУ не е илузија, туку реална можност

Напредокот што го постигнаа Црна Гора и Албанија на европскиот пат докажува дека пристапувањето кон Европската унија (ЕУ) не е илузија, туку реална можност за оние кои се посветени на тој процес, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
На прес-конференцијата по самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, Кошта наведе дека ова е втор самит оваа година и дека зачестеноста на контактите го одразува интензитетот на политичкиот ангажман во регионот.
„Предизвикувачката геополитичка ситуација само дополнително ја нагласува потребата од уште посилни врски меѓу Европската унија и Западен Балкан“, рече Кошта.
Според него, денешниот самит ја потврдува перспективата за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
„Мојата порака до сите партнери беше јасна – продолжете да го одржувате замавот и да спроведувате реформи што ќе ве доведат до ЕУ. Проширувањето е реална можност и таа треба да се искористи“, изјави Кошта.
Тој посочи дека разгледале што е постигнато по успешниот самит во Тиват и разговарале за тоа како постепената интеграција во ЕУ да се подигне на повисоко ниво.
Кошта нагласи дека граѓаните ширум регионот веќе ги чувствуваат придобивките од ваквиот пристап, додавајќи дека се разгледуваат начини за постигнување уште поголем напредок.
„Напредокот што го постигнаа Црна Гора и Албанија докажува дека пристапувањето кон ЕУ не е илузија, туку реална можност за оние кои се посветени на тој процес“, рече Кошта.
Тој потсети дека оваа година започнале со изготвување на Договорот за пристапување на Црна Гора, чекор што не е преземен повеќе од десет години.
Кошта нагласи дека Албанија започнала со затворање на преговарачките поглавја.
„Сите други партнери од Западен Балкан можат, доколку сакаат, да остварат напредок на патот кон пристапување“, рече Кошта.
Како што наведе, патот кон ЕУ не подразбира само спроведување на неопходните реформи.
„Регионалната соработка, помирувањето и добрососедските односи се предуслови за приклучување кон ЕУ“, рече Кошта.
Тој истакна дека предизвиците што имаат корени во минатото мора да се надминат.
„Време е да се гледа напред, а не наназад. Само на тој начин нашите партнери од Западен Балкан можат да постигнат вистински напредок и да ги преземат своите одговорности како идни членки на стабилна, просперитетна и обединета Европа“, рече Кошта.
Тој посочи дека самата ЕУ сведочи за важноста на еден таков пристап, бидејќи таа е изградена врз помирување и мир, а проширувањето било од суштинско значење за постигнување на тие цели.
„Нашите партнери од Западен Балкан можат да сметаат на ЕУ. Ние сме вашиот најстабилен партнер и такви ќе останеме“, рече Кошта.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека е убедена оти проширувањето претставува стратешки императив за Европа и дека во моментов постои реален замав.
„Ако ги погледнете сите преговори што ги водиме, на добар пат сме оваа година да отвориме и затвориме повеќе од 100 поглавја. Тоа е извонреден напредок, кој доаѓа во клучен момент“, рече Фон дер Лајен.
Таа наведе дека светот брзо се менува и дека колку посилна и пообединета е Европа, толку подобро ќе може да се соочи со предизвиците.
„Затоа мораме да го искористиме овој замав и да го претвориме во напредок на патот кон членство. А тоа бара посветеност од двете страни“, рече Фон дер Лајен.






