Црногорските пратеници денеска гласаат за смена на министерот Лепосавиќ, побарана од премиерот Кривокапиќ

– Членовите на црногорскиот Парламент денеска ќе се изјаснат за иницијативата за разрешување на министерот за човекови и малцински права, Владимир Лепосавиќ, пренесе РТЦГ.

Премиерот Кривокапиќ го побара разрешувањето на Лепосавиќ, откако министерот во парламентот, одговарајќи на прашања од пратениците од опозицијата, кажа дека „тој е подготвен да признае дека во Сребреница се случил геноцид, кога тоа е недвосмислено утврдено“.

Разрешувањето на Лепосавиќ е можно само со гласовите на опозициската ДПС на Мило Ѓукановиќ, која ги бојкотира седниците на парламентот, на некои други опозициски партии и на Граѓанското движење УРА, на потпретседателот на владата, Дритан Абазовиќ.

Највлијателниот партнер во владата, Демократски фронт, соопшти дека нема да гласа за смена на Лепосавиќ, а Демократите на Алекса Бечиќ најавија дека нема да гласаат за смена на министерот доколку има поддршка на ДПС.

Од опозицијата соопштија дека СДП, СД, Бошњачката партија и албанските партии ќе гласаат за разрешувањето на министерот.

Црногорското Собрание вчера ја заврши неколкучасовната расправа за иницијативата на премиерот Здравко Кривокапиќ.

Седницата на Собранието беше одбележана со остри реплики и зборови меѓу претставниците на владеачките партии и премиерот Кривокапиќ, кој синоќа кажа дека во Собранието на Црна Гора има неморал и политичко лицемерие. Ова негова констатација предизвика остра реакција кај некои пратеници од владеачките партии,   особено од ДФ, но и од опозицијата.

Претседателот на парламентот, Алекса Бечиќ, едвај успеа да ја смири ситуацијата, предупредувајќи го притоа Кривокапиќ да го почитува Собранието.

Кривокапиќ кажа дека ако е нешто добро, тоа е експертската влада, бидејќи таа е народна влада што се грижи за народот и граѓаните.

Тој оцени дека „овде се слушаат толку многу лаги што се поставува прашањето што е тоа политика“.

Министерот Лепосавиќ кажа дека ќе му биде полесно доколку од денеска не биде министер и додаде дека се надева дека Владата ќе преживее.

По бурната седница, Кривокапиќ соопшти дека нема да поднесе оставка на функцијата и ги повика пратениците да иницираат негово отстранување.

Back to top button
Close