Црвено знаме за целиот систем! Бараме целосна истрага, итна одговорност и санкции за институционалното непостапување

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара итна, темелна и независна истрага за трагедијата што се случи на 2 март во скопската населба Тафталиџе, каде животот го загубија триесет и едногодишна мајка и нејзината шестгодишна ќерка.

Според сведоштвата на најблиското семејство, мајката подолг период била жртва на семејно насилство кое било пријавувано во надлежните институции. Доколку се потврди дека институциите имале сознанија, а не презеле соодветни мерки за заштита, бараме со име и презиме да се утврди одговорност кај сите службени лица – од Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции.

 

Оваа трагедија не е изолиран случај. Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство. Според податоците на Еуростат за 2023 година, Северна Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа што е алармантен показател дека системот за заштита не функционира ефикасно.

 

Пред само еден месец предупредивме дека новата година започна со загрижувачки пораст на случаи на семејно и сексуално насилство врз жени и деца. Ова што го гледаме не се изолирани инциденти ова е образец. Образец на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите.. Наместо системот да обезбедува навремена заштита, третман и санкционирање на сторителите, сведочиме на пропусти што ја одржуваат и продлабочуваат културата на неказнивост.

 

Законите постојат, но нивната примена е недоследна и недоволна. Поради тоа жртвите остануваат без соодветна поддршка и заштита, додека насилниците продолжуваат неказнето да ги загрозуваат нивните животи.

 

Бараме:

 

Целосна и транспарентна истрага за постапувањето на сите институции во случајот во Тафталиџе, вклучително и проверка дали постоеле пријави/сознанија и какви мерки биле (или не биле) преземени;

Суспензија на сите службени лица вклучени во постапување, се до завршување на истрагата

Утврдување индивидуална одговорност за секое службено лице кое не постапило согласно законските обврски;

Соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност и затворски казни за службени лица од МВР, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции каде што ќе се утврди дека морале, а не презеле мерки за заштита и/или дека пропустот придонел за фатален исход;

Најстроги казни за сторителот на насилство;

Итна ревизија на проценките на ризик и механизмите за заштита на жртвите на семејно насилство, како и на практиките за форензичко постапување и истраги во случаи на сомнителна смрт.

Животот на жените и децата не смее да зависи од тоа дали системот ќе ја препознае опасноста дури откако трагедијата веќе се случила.

 

Скопје, 03.03.2026

 

Организации

 

Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА

Хелсиншки комитет за човекови права на Р. Македонија

Здружение за еднакви можности „Семпер“ – Битола

Асоцијација за унапредување на статусот на жената во Македонија „Женска акција“ –

Радовиш

Младински центар за еднакви можности

Здружение на граѓани „СУМНАЛ“

Организација на жени на град Скопје – ОЖС

Организација на жени на општина Свети Николе

Кризен центар „Надеж“

Организација на жени Tурчинки во Македонија – ДЕРЈА

Женска граѓанска иницијатива – АНТИКО

Женска граѓанска иницијатива „Клеа“ – Битола

Здружение за родова еднаквост ВИЗИЈА – Кавадарци

Комора на психолози на Република Македонија

Ромска асоцијација за жени и млади „Лулуди”

Организација на жени на општина Велес

ТАКТ – Здружение за унапредување на меѓусебна доверба

Здружение на психолози, психотерапевти и советувачи „Кортекс“ – Тетово

Хуманитарно здружение „Мајка“ – Куманово

Македонско здружение на млади правници

Здружение на медицински сестри, техничари и акушерки на Македонија (ЗМСТАМ)

Здружение за правна едукација и транспарентност Станица ПЕТ Прилеп

Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари

Здружение за развој и активизам „Аква“ – Струга

 

Back to top button
Close