„Д Фестивал“ посветен на домашната музичка сцена

– На главната бина „Паркинг Гранит“ во Дојран, вечер од 19 часот почнува „Д Фестивал“, годинава насловен „Д фестивал и пријателите“ и целосно посветен на домашната музичка сцена. Организаторите соопштија дека максимално се погрижиле за безбедноста во текот на настанот, со почитување на сите мерки наложени со протоколот за јавни настани.

– Посетителите ќе имаат можност да ги слушнат: Суперхикс, ЛД Пистолеро, Бернајс пропаганда, Pluto’s Doubts, Donplaya, Prince$$ Donatsu & Bon Praskiza. На програмата се придружуваат Gloomie и тимот на Red Bull кои ќе ни овозможат еден необичен настап каде што публиката ќе има шанса да гласа за своите омилени битови, соопштија организаторите, апелирајќи посетителите да дојдат навреме, постојано да носат заштитна маска и да бидат на растојание во текот на целиот настан.

Со билет за „Д Фестивал 2020“ набавен до 30 јули 2020 ќе може да се присуствува и  на роденденското, десетто издание во 2021 година, за кога се најавуваат специјални гости.

– Подготовките за роденденското издание на „Д Фестивал“, кое ќе се одржи од 2 до 4 јули 2021, се веќе во тек. Потврдени се и првите изведувачи – синот на Боб Марли, jамајканскиот хип-хоп и реге-артист Ки-Мани Марли, панк-иконата и тапанарот на култните „Ramones“ – Марки Рамон, балканските „Sonic Youth – Репетитор“, легендарното германско електронско дуо „Booka Shade“ и харизматичната поетеса која ги освои срцата на домашната публика – Телемама. За неколку дена доаѓа и вториот бран на потврдени артисти за „Д Фестивал 2021“, информираат организаторите.

Back to top button
Close