Да не се радуваме предвреме: и во југословенските војни фрчеа мировни планови
Денко Малески
Војната во Украина е изгубена, но не е и завршена. Да не се радуваме предвреме на мирот. Реализмот учи дека ваква војна се решава само на теренот, а не со мировен договор. Значи, со капитулација на една од завојуваните страни. Конечно, можевме нешто да научиме и од војните во Југославија кога секојдневно фрчеа предлог планови за мирно решение кои не вредеа ниту колку цената на хартијата на кои беа напишани. И самиот учесник во креирањето на првиот план на лорд Карингтон кој се обелодени на Конференцијата за Југославија, а со кој требаше да се сопре војната, уште тогаш разбирав дека без оглед колку планот е „добар“, реалностите на сила на бојното поле го пишуваат вистинскиот мировен план. Имено, во југословенскиот случај, никакви планови не можеа да ги помират конфликтните интереси меѓу завојуваните југословенските народи. Мирот беше можен само кога американската моќ се проектира на бојното поле и го измени баласнот на силите меѓу српските, босанските и хрватските војски, произведувајќи го така решението од американската воена база во Дејтон.

Денес, повторно фрчат мировни планови: американски, европски, украински… Политичките претставници на трите учеснички во војната, Америка, Украина и ЕУ се наоѓаат пред колосален проблем: да ги усогласат своите позиции визави Русија за која три нешта не се предмет на преговори: неутрална Украина надвор од НАТО, де јуре признавање на четрите области плус Крим за дел од Русија, разоружана Украина која нема да претставува закана за Русија. За Русите политиката на Западот е егзистенционална закана, закана за која се „оди до крај“.
Фактот дека, од самиот почеток на кризата, Русија не ги менува овие три барања, кажува дека преговори за нив нема да има. Но, Украина и ЕУ ги оспоруваат токму тие точки. Забораваат дека фаталната одлука на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 за идно членство на Украина во алијансата беше, како што изјави и канцеларката Меркел по гласањето, објава на војна на Русија. Забораваат дека денес таа војна е изгубена и дека следи руски диктат на условите а не преговори од типот кои ги замислува Каја Калас. Зашто,времето за вистински преговори со Русија беше, да речеме, април 2022 во Истамбул кога Зеленски, по наговор на Борис Џонсон, ги напушти преговорите и се определи за војна.
А имаше и други шанси за дипломатско решение на судирот. На сите сигнали кои, после одлуката во Букурешт, доаѓаа од Москва дека, е неприфатливо за нив членство на Украина во НАТО, од чија што територија летот до Москва на нуклеарна ракета која би ја обезглавила Русија убивајќи ја целата политичка структура (Decapitation strike ) изнесува 3 минути, се одговараше со зголемување на притисокот врз Путин. И не само што немаше дипломатија туку се прекинаа сите комуникации со Москва, до оние смешни ситуации кога, на меѓународните конференции, западните политичари одбиваа да се поздрават со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Големаата стратегија беше зголемување на економските и воените напори на колективниот Запад да се испровоцира конфликт со кој Русија дефинитивно ќе биде срушена од
2 / 2
пиедесталот на големите сили. Но, супериорната идеалогија на демократски против автократски држави не помогна во светот на реалната политика. Одлучи ситуацијата на бојното поле и диспропорцијата во моќ меѓу Русија и Украина. Одлучи и стравот од нуклеарен холокауст кај големите сили.
Ако се повтори ситуацијата од војната во која го стекнав моето прво „воено“искуство, мислам на југословенските војни, непомирливите интереси на Русија, Украина и ЕУ не ќе можат да резултираат во сеопфатен мировен план со кој ќе се регулираат односите на бојното поле, туку токму обратно. Силата ќе одлучи и тука. Но, овој пат тоа нема да биде американската сила која се повлекува од конфликт кој, според зборовите на Трамп „никогаш не требало да се случи“. Тоа нема да биде ниту европска бидејќи овие земји немаат такви воени резерви ниту такви пари, а само 16% од анкетираните Германци изјавиле дека се спремни да загинат за татковината.Значи, вели реализмот, силата која ќе го напише вистинскиот мировен план е Русија.
Но, да им дадеме шанса на преговарачите на четрите страни ( руската, американската, украинската и европската), да помират непомирливи интереси и да ги демантираат реалистите дека , откога ќе пропаднат сите мировни планови, војната ќе биде решна на теренот со капитулација на послабата на која ќе и бидат издиктирани условите на посилната страна.






