Да престанеме да се влечкаме и да ги забрзаме нашите рефлекси

Ја паркирам колата пред Правниот факултет во Скопје, бргу ја отворам вратата скокам од седиште, ги грабам книгите и со брзи чекори тргнувам кон влезот. Запри, полека, си велам, не си веќе таму.

Имено, разбирам дека мојот прв подолг престој во Америка ми ги забрзал рефлексите и дека ми треба прилагодување на старата реалност. А таа е дека ако си точен на состанокот, ќе чекаш барем 20 минути пред да се довлечкаат сите. Потоа те чека непродуктивна расправија во која секој „се надоврзува на дискусијата на претходниот дискутант“. Нема веќе, како во Америка, кратки состаноци на кои професорите доаѓаат точно во минута и си носат ручек во кеса за да може да се завршат две работи со едно седнување. Ако мислите дека ова поведение нема никакво влијание врз квалитетот на идните судии и обвинители, се лажете. Некаде во тоа време, популарната југословенска серија во која на едниот крај од улицата беше перфектно организирана автомеханичарска работилница на дојденец од Германија а на другата хаотично растурена работилница на човек со локални навики, беше целата во знакот на љубов и симпатии кон „нашиот“ и презир и потсмев кон „Германецот“.  Популарниот филм во кој шоферот се клади дека може да вози тотално небезбеден раскапан автобус  полн со патници со врзани очи, предизвикуваше урнебес од смеа кај публиката. Загадена храна која ликот на платното го тера на повраќање беше нов повод за расположение на публиката и нејзината наклоност кон симпатичните валкани готвачи. До ден денешен не го разбрав тој вид на хумор.

Потоа дојде капитализмот кој не преплави со толку посакуваните западни производи, од компјутери и мобилни до коли, автобуси и авиони. Ама старите навики останаа. Имено, ова е Исток во кој луѓето ги сакаат придобивките на западната цивилизација но не и работната етика која ги произвела. Уште помалку ја сакаат работната етика неопходна за нивното безбедно функционирање зашто нашата филозофија е „нека вози дур вози“. Работната етика е големата трансформација која не чека зашто друг пат напред нема освен да се учествува во светската трка за подобар живот која бара точност, отчетност, одговорност… Заостанете ли во таа трка ќе ви паѓаат лифтови и авиони, ќе се превртуваат и горат автобуси, ќе имате старшни хаварии во големите и малите индустриски комплекси. Кога странец ќе ви рече дека забележува недостиг на енергија во македонското општество сака, всушност, да каже да престанеме да се влечкаме и ги забрзаме нашите рефлекси. После триесет години забележувам, кај приватните претприемачи, дека таа работна етика со маки се протнува меѓу тешките наслаги на „сеир“ во нашите умови.

И нека не се прават интелектуалците како да не се дел од оваа култура и како да не треба да се менуваат и самите за да фатиме чекор со светот. Во општествените науки, нивната задача често е да заборават на претходното знаење и да ископаат што е можно повеќе мудрост од каменоломот на западната мисла за да го просветлат сопствениот народ. Не е нивна задача да потпалуваат емоции и да фрлаат клетви во прилог и против некоја партија со аргументација дека само ако овој или оној замине од власт состојбата на умот и културата на неотчетност ќе се смени. За жал, за разлика од западниот свет, сменливоста не е целата приказна за нас туку само дел од приказната. Важен дел, се разбира, но задачата наречена трансформација на нашето општество во европско е колосална и секој носи свој дел од одговорноста. Кога се случуваат несреќи мора да останеме прибрани, ладнокрвно да ги утврдиме причините и со упорност дисциплинирано да ги отклониме. Зашто не е во прашање само еден штекер во модуларна болница или една лиценца за меѓународен сообраќај туку цела една култура.

 

Денко Малески

Back to top button
Close