Дали Курти го смени партнерот меѓу партиите на Албанците во Македонија?

По изјавата на вицепремиерот Артан Груби дека контактите и средбите со официјална Приштина не се на потребното ниво, косовскиот премиер Албин Курти, во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат, вели дека секогаш има простор за поголема комуникација. Тој се надева на нова заедничка владина седница оваа година.

„Секако дека постои простор за уште повеќе средби и комуникации, така што, јас верувам дека и во 2023 година ќе имаме заедничка меѓувладина седница за да видиме колку сме спровеле од досегашните договори и какви нови договори можеме да имаме. Во оваа насока, јас посебно би го нагласил патниот инфраструктурен проект Призрен – Тетово кој е многу важен, исто така да имаме и гранични премини на кои нема да се чека и кои ќе бидат заедно интегрирани“,

 

вели Курти.

 

Албин Курти – премиер на Косово

На последните парламентарни избори во Северна Македонија Курти ја подржа Алијанса за Албанците со која тогаш раководеше Зијадин Села, но во последниов период тој се зближува со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и покрај прислушуваните разговори од кои се слушна дека интегративците немаа добри зборови за него. Соочен во интервјуто со овој факт, Курти одговара дека комуницира со сите и дека се води од државниот и националниот интерес.

 

360°: Дали го сменивте партнерот во Македонија и дали им простивте (на ДУИ, н.з.) за тоа што го кажале?

 

Курти: Јас се водам од државниот и националниот интерес, а ова бара, како премиер на Косово, да зборувам со сите, без да исклучам никого. Јас имам средби, разговори и соработка со сите и така ќе остане и понатаму. Јас им честитам на Албанците општо за последните избори на кои успеаја да имаат 33 пратеници во Собранието на Северна Македонија, а тоа е најголема бројка на пратеници што некогаш ја имале. И со тоа несомнено дека докажале дека придонесуваат за западната, демократска и прогресивна ориентација на државата Северна Македонија во ова многу тешко време, со многу кризи од која, секако, најголемата е таа која е предизвикана од руската воена агресија и инвазија предводена од претседателот деспот Путин врз Украина, за која ние изразивме солидарност и наша симпатија. Затоа и посакуваме победа во нејзината ослободителна борба.

Повеќе

Back to top button
Close