Дали СДСМ си пукаше во нога со измените во КЗ – одговара Бојан Маричиќ
Со измените во Кривичниот законик е направена рамка за продолжување на борбата против корупцијата на посоодветен начин. Измените се последица на анализа која покажа каде е најголемиот проблем, зошто предметите застаруваат. Ова е објаснувањето од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Прашан за тоа дали преку измените, кои експресно, со европско знаменце беа донесени на 6 септември, СДСМ ги погази принципите преку кои дојде на власт, Маричиќ вели – ќе покаже времето.
„Ние имавме искуство во изминатите 8-10 години околу случаи со висока корупција. И направена е делумна анализа зошто случаите застаруваат. Дел од случаите влегоа во застарување и без никаков закон да биде донесен. Направивме анализа кој е најголемиот проблем при справувањето со тие случаи коишто декларираат милионски имот, нелегално стекнат и врз основа на таа анализа е даден овој предлог. Дали сме си пукале во нога или не, ќе покаже времето. Јас сум убеден дека направивме рамка за да продолжи борбата против корупција на посоодветен начин“,изјави Маричиќ.
Во однос на реакциите во јавноста затоа што голем дел од случаите на СЈО ќе пропаднат, вицепремиерот за европски прашања одговара:
„Не е одговорност на Владата што тие случаи досега не завршиле со правосилни пресуди. Можеби некои ќе завршеа, некои и завршија. За дел од нив имаше спогодби, тоа го одработи Обвинителството. Мислам дека се остава доволно простор со овој закон да продолжи борбата против корупција, освен за тие случаи за кои ќе се утврди дека истекува“.