Дамчевска: Математичката прецизност на Мицкоски е сѐ да множи со нула

„Чистење на партијата“ е термин кој ме плаши, тоа е „највисок облик на дехуманизација и насилство врз луѓето кои не мислат исто“, вели Весна Дамчевска од Иницијативниот одбор за вонреден конгрес за Дојче веле.

„Не сум изненадена, тоа се одбранбени механизми на поединци кои ја имаат заземено партијата, но треба да знаат дека поширокото членство не мисли така”, вели Весна Дамчевска Илиевска, член на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28-ми март.

Нејзината изјава за ДВ доаѓа откако синоќа беше соопштено дека „Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ по предлог на Извршниот Комитет кој заседавал уште пред два дена, донел одлука за одржување на редовен конгрес на партијата во ноември“.

Иницијаторите за мартовски конгрес, вчера од партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ добија бројни епитети – дека се отпадници, дека дел од нив се со криминални дејанија и дека се класични извршители на Заев.

Запрашан дали Централниот Комитет разговарал на тема конгрес откако Иницијативниот одбор побара вонреден, Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ одговори: „Ова е добра прилика за прочистување на редовите на ВМРО-ДПМНЕ, последно прочистување помеѓу актуелното раководство, новата енергија и поранешните функционери кои се предводени од Зоран Заев. Централниот комитет за ваква иницијатива заседаваше уште пред неколку месеци и едногласно донесе одлука за отфрлање на ваквата иницијатива“.

Термин што плаши

„’Чистење на партијата’ – тоа е термин кој како човек ме плаши, бидејќи тоа е највисок облик на дехуманизација и насилство врз луѓето кои не мислат исто“, вели Дамчевска Илиевска.

Таа е поранешна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во два мандата – од 2014 до 2016 година, и од 2016 до 2020 година. По професија е психолог, доктор по мир и развој на Катедрата за одбрана, безбедност и мир на Филозофскиот факултат на УКИМ. Нема криминални петна, а не се смета ниту за отпадник од партијата. Напротив, во времето кога решила да се приклучи на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, била член на Извршниот Комитет на Унијата на жени. Објаснува што било пресудно за нејзината одлука.

„Немаше никаков внатрепартиски дијалог, се’ беше еднонасочно, без идеи, без креативност, без конструктивност, без обединувачки импулс. Сѐ се сведе само на критизерство. Сакавме реални активности, сила што ќе влече напред, нова конструктивна енергија што ќе ги опфати партиските кадри, енергија со која партијата ќе им се обраќа не само на своите членови, туку и на неопредените, на сите граѓани. Не добивме ништо од тоа, освен маркетинг“, објаснува нашата соговорничка.

Разочарана од начинот на кој претседателот на партијата и кругот околу него со невидена леснотија ги етикетирале сите кои изразиле поинакво мислење или побарале отчет од раководството на партијата.

„Сите ние имаме и политичко искуство, а пред се’, најдобри намери за партијата. Без желба да се соочат со аргументи, од раководството веднаш не’ прогласија за ништожни, за нечии слуги и за мрачни сили. Пласирана беше многу негативна енергија и огромна стигматизација и за нас и нашите поддржувачи”, потсетува Дамчевска.

Поделба или обединување

Како „про форма“ ја оцени пораката за отвореност на лидерот за разговор со сите што имаат каква било иницијатива, откако минатото лето пред Белата палата ја обелоденија иницијативата за свикување вонреден конгрес на партијата. Оценката за ова не ја темели само на силните напади што уследија на социјалните мрежи кон иницијаторите, и обидите за вонемирување пред нејзиниот дом.

„Не е точно дека е отворен за соработка. Тој нема желба за обединување, туку за отстранување. Направи негативна селекција за да нѐ замолчува. Нема демократски капацитет. Во спротивно, зошто би имало потреба од толку црни зборови и дехуманизирачки пораки? Еве поминаа толку месеци, никој не ме комуницирал ниту мене, ниту другите од Иницијативниот одбор. Зошто? Затоа што Мицкоски изјави дека ако изгуби на избори ќе поднесе оставка, а ние побаравме отчет – на Конгрес да се зборува за причините за поразот. Живееме во плурализам, можеме да комуницираме со сите партии, а не смееме да комуницираме со својата!? Тоа е математичката прецизност на Мицкоски – сѐ да множи со нула. Но, тоа е контрапродуктивно за лидерството“, децидна е Дамчевска.

Таа потенцира дека „има повеќе од доволен број делегати“ кои бараат вонреден конгрес.

„Со нас секојдневно комуницираат и многу партиски членови, кои се залагаат за истото. Дел не ги изложуваат јавно своите ставови, за да ги заштитат семејствата од вербални рафали. Тоа искуство го има секој што јавно побарал отчет. Јас не се плашам од притисоци, ниту кој било од Иницијативниот одбор. Мицкоски ќе биде поканет да даде извештај, и да се кандидира ако сака. Може и да ја добие довербата со аргументите во обраќањето. Преостанува тој да се преиспита. Во негови раце е палката – поделба или обединување“, вели Дамчевска.

Во прашање е националното единство

За најпогубна ја смета поделбата на „предавници и патриоти“, која станала и најтежок облик за заобиколување на луѓе кои го дале најдоброто од себе за раст и развој на партијата. Вели дека е доведено во прашање „националното единство“, кое стои во името на партијата, но не е одбрането. Исто како што во година на избори, не е одбрането ни партиското единство.

„Надвор од случувањата остануваат голем број членови, општински и месни комитети. Во партијата владее вештачка атмосфера на сите нивоа. Тие што го донесоа на лидерот на таа позиција, имаат право и обврска да направат увид – зошто има толку падови и кој е патот по кој треба да се движи партијата. Јас не сакам никој да биде навреден, ни Христијан Мицкоски. Секој има право да си го каже мислењето, на начин кој и’ прилега на една современа партија. Ако се уважуваме и почитуваме, од тој процес сите ќе излеземе и поголеми и позадоволни. Сакам да ја видам помирена мојата партија, да биде силна, и за доброто на сите да гради пријателска мрежа со другите партии, а не непријателска. Секако, на политички план ќе има за што да спориме со другите партии, но на демократски начин”, порачува Весна Дамчевска Илиевска.

Најавува дека Иницијативниот одбор наскоро ќе ја информира јавноста за сите детали околу мартовскиот вонреден конгрес.

Back to top button
Close