Данела повторно прашува до каде е предметот со дивоградбите во Чаир
Поранешната градоначалничка Данела Арсовска повторно бара од Јавното обвинителство да и даде информации околу случајот со дивоградбите на екс градоначалникот Висар Ганиу , за кој никој не зборува во јавноста.
„Со поднесеното барање побарав информации дали е оформен јавнообвинителски предмет, кој јавен обвинител постапува, кои процесни дејствија се преземени, дали се обезбедени доказите и оригиналната документација, дали се извршени распити и прибирање известувања, дали е донесена јавнообвинителска одлука, како и во која фаза се наоѓа постапката.До денот на оваа ургенција не сум добила никаков одговор, ниту известување за постапување по моето барање, иако законскиот рок за одлучување и доставување на одговор е одамна изминат“, реагира таа преку јавно обраќање.
Според неа, бидејќи барањето се однесува на информации од неспорен јавен интерес поврзани со наводи за употреба на фалсификувани службени исправи, незаконска легализација на бесправни објекти, евентуална злоупотреба на службена положба и користење документи за кои, според доставената документација од Град Скопје, не постои службена евиденција, навременото постапување и обезбедувањето информации за активностите на Јавното обвинителство се од особено значење за заштита на јавниот интерес и за одржување на довербата во институциите.
„Во барањето беше наведено дека од приемот на документацијата во Јавното обвинителство на 31.05.2025 година до моментот на поднесување на барањето беше поминат повеќе од една година, поради што беше побарано да се добијат информации за преземените дејствија, текот на постапката и причините за нејзиното времетраење. Отсуството на одговор во законскиот рок не само што претставува непостапување по барањето за пристап до информации од јавен карактер, туку создава и неоправдана неизвесност во однос на прашање кое е предмет на изразен јавен интерес.
Поради наведеното, Ве повикувам без одлагање да постапите по моето барање (од 25.06.2025 година) и да ми ги доставите сите побарани информации, односно, доколку постојат законски причини за ограничување на пристапот до одделни информации, да донесете соодветна одлука согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со јасно образложение за причините за евентуалното ограничување“, пишува Арсовска.
Како особено загрижувачка таа го нагласува фактот што токму институцијата која е повикана да обезбеди владеење на правото и доследно почитување на законите во конкретниот случај не ги почитува сопствените законски обврски за навремено постапување и обезбедување пристап до информации од јавен карактер.
„Непостапувањето во законски утврдениот рок, без какво било известување или образложение, не е само повреда на законските обврски, туку создава впечаток на институционална нетранспарентност и неотчетност. Во околности кога барањето се однесува на предмет од исклучително висок јавен интерес, поврзан со наводи за употреба на фалсификувани службени исправи и можни кривични дела сторени од службени лица, ваквиот однос неминовно отвора сериозни сомнежи во јавноста за начинот на кој се води постапката, за причините за нејзиното пролонгирање и за тоа дали се обезбедува еднаков, независен и непристрасен третман согласно закон. Токму затоа, транспарентното и навремено постапување не претставува прашање на добра волја на институцијата, туку законска обврска и суштински предуслов за зачувување на довербата на јавноста во Јавното обвинителство“, порачува Арсовска.
Иако повеќе функционери на ВМРО-ДПМНЕ пред смената на Арсовска се закануваа дека же спроведат истрага за нејзиното работење и таа ќе одговара, по смената завладеа целосен молк – и околу нејзините обвинувања за дивоградбите и „рачињата во мед“ и околу наводните нејзини злоупотреби, а состојбата во Град Скопје и без блокадите со кои беше соочена не е којзнае колку подобра. Односно, урбаната мафија царува, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се фотографира само со обновени или изградени улици. Предмет за дивоградбите во Чаир видливи од месечина (Чаир е најнаселена населба во моментов во Европа, како Газа) нема, а судејќи по нејзината реакција – нема ни да има бидејќи тие што тогаш ја управуваа општината и сега се дел од Владата.






