Данев: Значајно за мене е што поддршка добив од 16 од вкупно 23 факултети на УКИМ
Професорот Дарко Данев, по завршувањето на изборниот процес за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ѝ го честита реизборот на проф. д-р Биљана Ангелова, посакувајќи ѝ успешен мандат на чело на најстарата и најзначајна високообразовна институција во државата.

Во својата реакција по изборите, Данев изрази очекување Ангелова во наредниот период да придонесе кон подобрување на функционирањето на Универзитетот, со фокус на унапредување на студентското искуство и подобрување на условите за работа на професорите.
Упати благодарност и до колегите што му ја дале довербата во изборниот процес, нагласувајќи дека за него е особено значајна поддршката што ја добил од 16 од вкупно 23 факултети на Универзитетот.
„Особено значајно за мене е што поддршката дојде дури од 16 од вкупно 23 факултети на Универзитетот, што претставува силен поттик да продолжам со истата посветеност и интегритет“,кажа Данев.
Професорот во објавата на Инстаграм се заблагодарува и до своето семејство, пријателите и тимот што биле дел од неговата кандидатура, оценувајќи дека нивната поддршка била значајна во текот на целиот процес.
Данев порача дека и понатаму останува посветен на развојот на Машинскиот факултет и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со, како што наведе, јасна визија за модерно, ефикасно и силно високо образование






