Даница Илиќ : Почитувањето на етичките стандарди води кон вечна читаност

Темата етика во новинарството е една од најважните теми, особено сега кога дигиталното опкружување ни носи нови предизвици. Ние длабоко веруваме дека почитувањето на етичките стандарди води кон вечна читаност, доверба на публиката и подобра деловна одржливост, вели во интервју за МИА, новинарката Даница Илиќ од Мрежа за етичко новинарство со седиште во Лондон.

Даница Илиќ е поранешна новинарка на Би-би-си и на белградското Радио Б92, во моментов живее и работи во Лондон за Мрежа за етичко новинарство (Ethical Journalism Network – EJN). Последниве неколку години го раководи проектот „Изградба на доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција” и соработува со новинари и уредници од регионални медиуми, со кои ја промовира идејата за етички стандарди и добро раководење.

 

Како никна идејата да се креира, а потоа и да се реализира проектот „Изградба на доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција”?  Дали имавте посебни причини, сознанија, истражувања на јавното мислење?

– Идејата за проектот што го реализира Мрежа за етичко новинарство, а за што доби поддршка од УНЕСКО и Европската Унија, се роди врз основа на потребата за враќање на довербата во медиумите. Регионалните медиуми, исто како и оние светските, се соочуваат со непознатото во дигитализацијата, последици од сè поголема негативна употреба на интернетот и социјалните мрежи, како и проблемот на сè поприсутниот феномен на дезинформации. Во таа смисла, Мрежа за етичко новинарство и УНЕСКО одлучија да направат многу јасен и конкретен предлог за изградба и враќање на довербата во медиумите. Станува збор за прашалник кој содржи насоки за воспоставување етички стандарди и добро управување. Нашиот проект и прашалник се во склад со светската новинарска иницијатива позната како Journalism Trust Initiative (JTI), што ја водат Репортери без граници. Сите заедно и со поддршка на етички медиуми во регионот, постигнуваме резултати во креирањето подобри содржини за публиката и секако за професионално раководење на медиумите.

На кое ниво се развојот и праксата за етика и транспарентност на медиумите во Југоисточна Европа и Турција?

– Секоја земја има свои специфични проблеми, но сите заедно се соочуваме со недостиг од транспарентност, професионалност, одговорно известување и почитување на етичките постулати. Кога е во прашање слободата на медиумите, во најнезавидна ситуација е Турција, каде во моментов 39 новинари се во затвор. Во Србија, сопственици на највлијатените медиуми се тајкуни или се под влијание на политичките елити. Британските медиуми каде јас живеам, исто така имаат свои проблеми, но тоа што се и ги прави различни професионалните медиуми е настојчивоста да бидат потранспарентни и секој ден да ја подобруваат таа ситуација во пракса.

 

Дали можеби треба да се раздели или направи разлика меѓу професионалната етика кај новинарите и деловната или бизнис-етика на медиумот?

– Мислам дека многу е тешко да се раздвојат тие две работи една од друга. Не е можно етички да се известува, да се почитува етичкиот кодекс на новинарите, да се почитуваат правилата на професијата кога се креираат содржини, а да се има лош договор за работниците. Етиката за која се грижат индивидуалците, новинарките и новинарите во редакциите не може да се раздвои од етичкото раководење на медиумот за кој се задолжени менаџерите. За жал, има некои кои тоа не го разбираат, посебно во амбиент на сеопшт пад на системот на вредности и на сè поголем број медиуми кои за себе се сметаат дека се медиуми.

Зошто и колку беше значајна поддршката за овој проект што ја добивте од УНЕСКО и Европската комисија?

– УНЕСКО е долгогодишен партнер на Мрежа за етичко новинарство и за нас е многу важен затоа што тие ја разбираат потребата од враќање на довербата во медиумите, посебно во време на дигитално опкружување. Исто така, од самиот почеток и ЕУ и УНЕСКО ги поддржаа нашите намери и иницијативи за многу иновации и програми поврзани со етичка ревизија на актуелната пракса да ги реализираме на Балканот.

Дали имате сознанија во кои медиуми се намалува, а кај кои се зголемува довербата на аудиториумот? Дали етичките медиуми имаат поголеми шанси да „преживеаат” во бизнис-просторот?

– Етичките медиуми и оние што ќе го пополнат нашиот прашалник сигурно имаат поголеми шанси за деловен успех. Прво, партнерите и донаторите од странство веќе бараат докази за тоа дали некој медиум е професионален и вреден да се вложува во него. Второ, оние што огласуваат, многу се внимателни кога се појавуваат, особено во период на хаос во медиумскиот простор кој го предизвикуваат и се товари со дезинформации или неодговорно објавување информации. И, трето, дигиталните платформи и социјални мрежи, соочени со притисокот да го регулираат својот простор, сакаат да ги поддржат само оние медиуми кои се етички и препознатливи по својата етичност.

 

Дали се потребни нови извори за финансирање на медиумите? На неодамнешната конференција во Истанбул, основачот на EJN, Ајдан Вајт, посебен акцент стави на нови извори на финансирање.

– Основачот на Мрежа за етичко новинарство (EJN) и поранешен генерален секретар на Меѓународната федерација на новинари Ајдан Вајт смета дека мора да бараме нови извори за финансирање независни, професионални медиуми. Кога е во прашање нашиот регион, мојот впечаток е дека недоволно храбро се пристапува кон новиот начин на финансирање и тоа е неразбирливо особено ако се земе предвид платежната моќ на населението, акуелната сопственичка структура и односот на владејачките политички елити кон медиумите.

 

Какви заклучоци донесовте на Конференцијата во Истанбул и што понатаму? Кој е вашиот следен предизвик?

– Со оглед дека успешно го реализиравме проектот „Изградба на доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција”, ние планираме да продолжиме да работиме со нашите локални партнери, а со цел јакнење на етичките стандарди и добра пракса. Темата етика во новинарството е една од најважните теми, особено сега кога дигиталното окружување ни носи нови предизвици. Ние длабоко веруваме дека почитувањето на етичките стандарди води кон вечна читаност, доверба на публиката и подобра деловна одржливост

Back to top button
Close