Даниловски: Не му можеш ништо на тигрест комарец со аеропрскање. Тој е ниско,лош летач е
Oдозгора не им можете ништо. Тука единствено доаѓа предвид онаа терестрична, локална дезинсекција, појаснува епидемиологот
Според него, ова што сега се прави, не се превентивни, туку се противепидемиски мерки

Драган Даниловски, епидемиолог, професор и поранешен министер за здравство / Фото: Архива
Аеропрскањето не значи ништо во ситуација кога имаме тигрести комарци сè повеќе, вели епидемиологот Драган Даниловски. Тој укажува на повеќе причини кои доведоа до тоа неделава надлежните прогласат епидемија на западнонилска треска во во одредени скопски општини и населби.
„Имаме климатски промени последните години, сè повеќе се случува климатското затоплување се зголемува. Летата траат подолго, гледате што се случува со топлотните бранови. Тоа се климатски услови кои што се погодни за размножување на комарците и други инсекти, што може да бидат вектори на заразни болести. Кај нас се случи кружење на вирусот внатре во нашата територија во природниот циклус меѓу комарците и птиците како природни резервоари. Значи веќе случаите што се кај нас се веќе автохтони, наши, не се увезени. Тоа е исто така втора причина. Трета причина е веројатно, кога се планирани оние календарски дезинсекции, премногу се инсистираше на аерозапрашување или аеропрскање. Во ситуација кога имаме тигрести комарци сè повеќе, аеропрскањето не значи ништо. Тие се лоши летачи, тие се при дното на тлото, во разни грмушки, итн. и тука одозгора не им можете ништо. Тука единствено доаѓа предвид онаа терестрична, локална дезинсекција“,кажа Даниловски во денешното издание на Телма интервју на ТВ Телма.
Според него, ова што сега се прави, не се превентивни, туку се противепидемиски мерки.
Вчера, Центарот за јавно здравје – Скопје (ЦЈЗ) прогласи епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Надлежните посочија дека дека нема место за паника, туку за внимателност и одговорност. Повикаа граѓаните да преземаат мерки за лична заштита како носење соодветна облека и избегнување места со висока изложеност на комарци.






