Данската премиерка Мете Фредериксен идната недела ќе го посети Гренланд
Данската премиерка Мете Фредериксен ќе го посети Гренланд, пренесоа светските агенции.
Посетата ќе биде од 2 до 4 април. Таа ќе следи по посетата на оваа територија на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и неговата сопруга Уша, како и на американски претставници.
Посетата на Фредериксен има за цел да го зајакне единството со територијата на Арктикот, која е дел од Данска, но има широка автономија.
Посетата доаѓа во време кога Гренланд доби нова коалициска влада, формирана по изборите на 11 март.
„Задоволство ми е што продолжува блиската соработка и довербата меѓу Гренланд и Данска со Јенс-Фредерик Нилсен, новиот премиер на Данска. Гренланд помина низ добар демократски процес и формираше влада на широка коалиција. За мене е важно да отидам таму што е можно поскоро и да го поздравам идниот кабинет“, се вели во соопштението на Мете Фредериксен.
Четири од петте партии застапени во Парламентот на Гренланд најавија дека ќе формираат коалициски кабинет со премиерот Нилсен. Тој нагласи дека партиите ќе ги остават настрана несогласувањата и разликите, бидејќи само така ќе можат да се спротивстават на силниот притисок на кој се подложени однадвор.
Главните гренландски партии сакаат независност на територијата, но се разликуваат за некои детали во ова барање. Американскиот притисок, сепак, ги убеди да се обединат. Во новата влада единствено не влегува партијата „Налерак“, која е приврзаник на брзата независност.
Според анкетата во јануари, околу 85 отсто од граѓаните на Гренланд не сакаат да бидат дел од САД.
За време на посетата на американската воена база на Гренланд, американскиот потпретседател вчера ја отфрли можноста за употреба на сила со која САД ќе ја преземат територијата. Тој изрази надеж дека Вашингтон ќе успее да потпише договор со Гренланѓаните.