Давчевски до ВМРО-ДПМНЕ: Го блокиравте БРТ за сега Орце да го фали проектот – лицемерни сте
Денес сме сведоци на врвот на политичкото лицемерие, безобразие и потценување на интелигенцијата на граѓаните на Скопје. Орце Ѓорѓиевски без ниту малку срам, застанаа пред камерите да се пофали со отпочнување на постапката за реализација на проектот БРТ.

Истиот оној систем за брз автобуски превоз кој тие со години безмилосно го саботираа, го блокираа во Советот на Град Скопје и го прогласуваа за „лош и криминален“, изјави за медиумите, Александар Давчевски – Претседател на Градска организација на СДСМ.
Цели пет години! Пет години скопјани мрзнат по постојки, се туркаат во распаднати автобуси, доцнат на работа и на училиште, само затоа што ВМРО-ДПМНЕ одлучи да си игра политика со нивните животи. Пет години го држеа во заложништво јавниот превоз на половина милион луѓе, за денес – преку ноќ – истиот тој проект да се обидат да го продадат како свое историско достигнување.
Да бидеме на јасно: БРТ е визија, идеја и проект на СДСМ. Ние го изработивме и го започнавме како рационално решение за спас на Скопје од сообраќајниот колапс. Ние никогаш нема да бидеме против реализацијата на БРТ. Но, ние сме згрозени од ова политичко лицемерие. Оние кои фрлаа дрва и камења по овој проект и направија сè за да го закочат, денес се китат со туѓи перја.
Зарем власта мисли дека скопјани имаат толку кратко памтење? Зарем градоначалникот мисли дека со една прес-конференција ќе ги избрише годините малтретирање на граѓаните?
Скопјани го бараат единствениот логичен одговор: Кога лажевте? Дали кога пет години го блокиравте БРТ по секоја цена за политичка штета, или денес кога наеднаш овој проект стана совршено и квалитетно решение само затоа што вие сте на власт?
Ова не е грижа за градот. Ова е класично малтретирање на граѓаните со скап пи-ар!
Времето кое скопјани го изгубија поради вашите блокади, никој не може да го врати, додаде Давчевски.






