Првпат Владата сама си донесе одлука, првпат откога е воведена минималната плата, во 2012 година, за неа се одлучи без работниците
Денеска претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, изјави дека првпат од 2012 година е донесена одлука за минималната плата без работниците. Владата сама одлучи, без да се разговара на Економско-социјалниот совет (ЕСС) и си донесе износ на минималната плата од 1.800 денари.
Според него, Синдикатот на УПОЗ не е задоволен од Одлуката. Изгледа на Владата толку добро и оди што може, нагласи, да носи одлуки без синдикатите и работниците.
Ова, укажа Деаноски, не е покачување на платата, туку е усогласување што треба да го добијат сите работници во јавниот сектор, линеарно, со порастот на животните трошоци и порастот на просечната плата.
-Првпат Владата сама си донесе одлука, првпат откога е воведена минималната плата, во 2012 година, за неа се одлучи без работниците. Имавме парола пред неколку години на 1 Мај дека не смее да се одлучува без работнциите, а, Владата, за жал, вчера на седница си донесе изноз на минималната плата од 1 800 денари, 2 200 денари не е точно, не знам зашто така кажа премиерот. Се донесе без да се разговара за платата на Економско-социјалниот совет, без да се одлучат и работниците и работодавачите и Владата. Првпат се случува ова и имајќи предвид во каква држава живееме, нема да биде ни последен пат. Апсолутно сме незадоволни од ваквата одлука на Владата. Ги знаете нашите барања и од нив не отстапуваме, потенцира претседателот на УПОЗ, одговорајќи на новинарски прашања.
Според него, небулозни се изјавите на Владата дека ќе дозволи работодавачите и синдикатите да се договорат, а потоа, ако треба, ќе ја покачи минималната плата.
-Сакам да ја потсетам Владата дека е најголем работодавач во државата. Во јавниот сектор се вработени 129 000 работници од кои минимум 25 000 директно зависат од усогласувањето на минималната плата, што значи дека ова не е покачување на платата, ова е само усогласување што треба да го добијат сите работници во јавниот сектор, линеарно, со порастот на животните трошоци и порастот на просечната плата, напомена Деаноски.
Тој потсети дека УПОЗ е дел од ССМ и ако има протести, ќе учествува во нив.
-УПОЗ е дел од ССМ како грански синдикат, а се наоѓаме во иста ситуација, и ние бараме репрезентативност, но не можеме да ја добиеме. Закажана е седница на Комисијата за репрезентативност во петок, што ќе се одлучи не можеме да знаеме. Во петок е закажана и седницата на претседателството на ССМ на која ќе се одлучува за натамошните чекори. Инаку, секогаш УПОЗ излегува со ССМ и едни од најбројните на протестите се токму членовите на УПОЗ.