Деаноски: Секој обид од Владата или политичките партии, да докажат дека има политика во протестите или работата на Синдикатот, ќе им биде залуден

Секој обид од страна на Владата или политичките партии, да докажат дека има политика во протестите или работата на Синдикатот, ќе им биде залуден, нагласи попладнево на протестот пред Министерството за култура, претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

– Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на протестите на вработените, бидејќи имаа седум години да го решат овој проблем, но, наместо решение, направија сѐ што можат, да го забранат колективното договарање, па дури беа и првата влада, што поништи колективен договор. И да ја поправам вчерашната изјава на Владата, бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со некој друг синдикат. За потсетување, Синдикатот на УПОЗ само во 2022, 2023 и 2024 година, има организирано три штрајка и најмалку 20 протести, од кои на протестот во месец декември 2023 година, над 5.000 вработени од управата и правосудството, излегоа на улица и побараа достоинствени плати за живот, истакна Деаноски.

Тој додаде дека нивните барања биле исти со години наназад.

– Не случајно на вториот ден од протестите сме пред Министерството за култура. Во 2023 година, токму овие вработени 21 ден по ред протестираа пред Владата на Република Македонија, со истите барања како и денес, потпишување на колективен договор и зголемување на платите на вработените, рече Деаноски во изјава за медиумите.

Тој потсети дека барањата остануваат исти и апелираат до Владата и ресорните министерства, што побрзо да започнат преговори и да најдат заедничко прифатливо решение за овој проблем.

На вчерашниот протест пред Министерството за животна средина и просторно планирање, Деаноски рече дека протестите ќе продолжат секој ден од 11 до 11:30 часот. За во петок од 11 до 12 часот, тој најави протест пред Министерството за финансии.

Портпаролката на Владата, Марија Митева на вчерашната прес-конференција посочи дека не биле исполнети законските услови за протестот што се одржа од страна на Синдикатот на УПОЗ. Таа напомена оти постојат сомнежи дека истиот е политички мотивиран. Според Митева, Владата е партнер на сите и е отворена за сите предлози и сугестии.

Back to top button
Close