Децата имаат чудни и (не)вообичаени навики

Малите деца знаат да бараат вообичаени, но и малку чудни нешта. Сепак, овие фази на однесување брзо минуваат, според американската психијатарка Хедер Витенберг. Таа наведува дека дури и фазите со крици, лаење или лижење предмети, на пр. се краткотрајни. Она што изгледа бизарно, вели стручњакот, всушност, најчесто е сосем нормално однесување за едно дете.

Удирање со глава

– Она што ни изгледа вознемирувачко (за возрасните), може да биде многу смирувачко за детето, вели Витенберг.

Ритмичките, повторувачки движења помагаат да се смири престимулираниот нервен систем. Сѐ додека нема опасност детето да се повреди или ако повеќе сака да си ја удира главата во ѕид отколку да се дружи, јаде и игра, едноставно треба да се игнорира, или да му се предложи друга занимација заради пренасочување на однесувањето.

 

Рацете вo панталони или во гаќичките

Оваа навика е уште една од оние што многу родители ја сметаат за проблем. Витенберг вели дека не треба да му кажете „не“ на детето, туку смирено објаснување.

– Му велите: „Можеш да го правиш тоа сам во соба, но не и в продавница или на училиште“, додава таа.

 

Чепкање нос

Лоша навика, но интересен „простор за истражување“ за децата… Но, и тука нема простор за грижи. Просто, објаснете му на детето дека тоа не треба да се прави јавно и пред сите.

 

Кадифени, пластични и замислени пријатели

Многу деца се опседнати со играчки, но и со имагинарни пријатели за кои често зборуваат. Тоа е нормална реакција на сознанието дека светот е збунувачки и тешко разбирлив. Имено, светот што го создава детето е многу попријатен и тоа е само куса, преодна фаза кон реалноста.

Кога возрасниот ги прифаќа замислите и мечтите на детето, ја почитува неговата или нејзината креативност. Кога ќе се изгуби плишаниот „пријател“, или пак треба да се закрпи и сошие, тоа е можност да му покажете на детето дека тоа може да се движи и надвор од својата комфорна зона. Замислениот пријател си заминува по неколку месеци.

 

Ставање одредени работи во уста

Децата ја користат устата како алатка за истражување на светот. Можеби експериментираат, но понекогаш тоа можеби е и здравствен проблем со невообичаена потреба. На крајот, сè се сведува на сериозноста и зачестеноста на нагонот. Така, стручњакот препорачува: Повременото ставање безопасни предмети во уста не е опасно, но ако дете посегне по нешто ситно, остро, тврдо, валкано, по ѓубрето или по песокот од мачката, и уште е опседнато со тоа, време е да се разговара со педијатар.

 

Други чудни работи

Некои мали деца сакаат да носат одредена наметка по цел ден, или постојано да бидат голи… Овие „незрели“ фази се нормален дел од детството и разбирањето на своето место во светот. Сè додека тоа не прејде во опасност и ненормално однесување на повозрасно дете, нема место за грижа. Можеби ќе треба да му објасните дека ова е нешто што може да го прави, па така малечкото побргу ќе ја изживее необичната навика.

Советот гласи: Толерирајте го чудното однесување, но не го занемарувајте. Може и да се сними – тоа е одличен начин да му покажете на детето – каков /-а бил /-а во тој миг.

Back to top button
Close