(Видео) Децата во Кочани ги убија наши неодговорни луѓе, од алчност, корупција и незнаење“, Џамбазов со емотивен говор за „Пулс“

Со силни зборови и емотивен настап, Игор Џамбазов ја коментираше трагедијата во дискотеката „Пулс“, прашувајќи јавно: „Кој ги уби тие деца?“

„Наши неодговорни луѓе. Луѓе-нелуѓе. Тоа е новиот фашизам, луѓе. Нахранет со алчност, корупција и незнаење“, рече Џамбазов, оценувајќи дека трагедијата е симбол на системска негрижа и морален пад.

Во својот говор тој потсети дека пред три години на истата сцена рецитирал стихови од поетот Славко Јаневски, алудирајќи на песната „Крвава бајка“, инспирирана од масакрот  во 1941 година.

„Тиквешко негде в некое село, кај слана тивко венеше цвете, убија дете. Кому му ги рецитирав овие стихови? Ја научи ли некој оваа поезија?“, праша тој, повлекувајќи паралела меѓу историските злосторства и современата трагедија.

Џамбазов го спомена и масакрот во Крагуевац од 21 октомври 1941 година, кога беа стрелани ученици и наставници, потсетувајќи на зборовите на наставникот кој рекол: „Пукајте, јас и сега држам час“.

„Како кај нас не се најде некој да го каже тоа, да ги заштитеше овие деца?“ праша Џамбазов, нарекувајќи ја ова можеби најтажната церемонија на „Златна Бубамара на популарноста“.

Во текот на настанот се потсетуваше и на познатите личности кои починале во изминатата година, а беа прикажани и фотографии од сите загинати членови на групата „ДНК“, како и дел од тимот на „Златна Бубамара“, вклучувајќи го и тонецот Игор Велков.

„Сара десет години на оваа сцена ми го чуваше грбот. Никогаш нема да ја заборавам“, рече Џамбазов за професорката по пијано и придружен вокал Сара Пројковска.

Видеото од говорот на Џамбазов погледнете го тука

 

Back to top button
Close