Демири го замени Фетаи на чело на фракцијата на Алијансата, трансформацијата на Вреди предизвика нови потреси
Вицепремиерот Арбен Фетаи повеќе не ја предводи фракцијата на Алијанса за Албанците, која е дел од власта. На негово место е именуван пратеникот Илир Демири, кој од неодамна го напушти делот на Алијансата предводен од Зијадин Села за да и се придружи на владејачката коалиција.

Висок функционер од фракцијата за „Слободен печат“ потврдил дека смената на Фетаи од челната позиција е резултат на внатрешните несогласувања, зашто Фетаи бил против трансформацијата на Вреди во партија и се залагал нивниот дел од АА да прерасне во нов политички субјект.
Оваа фракција на АА веќе ги распуштила „партиските“ тела, потег кој неодамна прв го направи лидерот на Беса, Билал Касами, со цел обединување на сите партии што ја сочинуваат коалицијата Вреди во една партија.
Од вицепремиерот Фетаи, се дистанцираа министерот за здравство Азир Алиу, како и пратеничката Мимоза Муса, кои ја поддржуваат опцијата за трансформација на Вреди во партија. Фетаи останува во фракцијата на Алијанса и по расколот. Наводно сега се премислил и очекувањата се дека и тој ќе се приклучи кон сопартијците кои се за трансформација на Вреди во партија. Во таа насока Фетаи за вечер свикал вонреден состанок на структурите на партијата. Но сопартијците кои веќе се изјасниле дека се за трансформација на Вреди во партија велат дека Фетаи сега бара начин да остане дел од алијанса и од Вреди. Фетаи не ни одговори кои се неговите позиции.
Недоразбирањата во оваа фракција на Алијансата произлегоа откако се интензивира процесот на трансформација на Вреди во партија, односно по понудата од Касами и лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, идната партија Вреди да ја предводат овие двајца лидери. Според понудата, која како што веќе објави „Слободен печат“, копретседатели на Вреди ќе бидат Касами и Меџити. Планот првично бил потпретседатели да бидат вицепремиерот и лидер на Алтернатива, Беким Сали, и Арбен Фетаи, но откако се раскараа во Алијанса, сега за потпретседател се предлага Илир Демири. Генерален секретар на партијата Вреди, пак, би требало да биде пратеникот Беким Ќоку.
Освен Фетаи, со предлогот за копретседатели не се согласуваше и партијата Алтернатива која е составен дел од коалицијата Вреди. И Фетаи и Алтернатива повеќе го протежираа моделот на ротирачко претседателство со идната партија.
За трансформацијата на Вреди во партија лидерите разговарале и со косовскиот премиер Албин Курти, на кого му го претставиле моделот за копретседателство. Нема информации дали Курти понудил свој предлог за трансформација на Вреди






