Денеска нова, онлајн, рунда преговори меѓу Русија и Украина

Преговорите меѓу Русија и Украина продолжуваат денеска и ќе се одвиваат во форма на видео-конференција, изјави Дмитриј Песков, руски преговарач и портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.

Би-би-си јави дека Михаил Подољак, украински преговарач и советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски, ја потврди оваа најава од Кремљ.

 

Во видео објавено на социјалните мрежи, Подољак кажува дека Русија почнала поконструктивно да се ангажира околу преговорите и дека сега „го гледа светот околу себе многу подобро“.

Украинскиот претседател Зеленски вчера изјави дека неговата делегација секојдневно разговара со руските преговарачи.

Оваа ќе биде прва онлајн средба со оглед дека досегашните се одвиваа со физичко присуство. Руската и украинската страна досега трипати седнаа на маса, а досегашните преговори најмногу се однесуваа на хуманитарните прашања, кои доведоа до отворање на хуманитарни коридори за евакуација на цивили од воените зони.

Вчера Си-ен-ен, пишуваше дека руските и украинските функционери во текот на вчерашниот ден излегле со најоптимистични оценки за напредокот на преговорите меѓу двете земји, сугерирајќи дека е прашање на ден кога ќе дојде до позитивни резултати, а знаци за напредок во преговорите гледаат и САД.

 

 

 

Back to top button
Close