Денеска пресуда за серискиот убиец Трајко Бојковски, обвинителството бара доживотен затвор
По завршувањето на судската постапка и изнесувањето на завршните зборови, денеска се очекува Основниот суд во Куманово да ја соопшти пресудата за Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обида за убиство на жени во регионот на Старо Нагоричане, објави 4news.mk Обвинителството бара најстрога казна – доживотен затвор, додека одбраната бара судот да ги земе предвид олеснителните околности.

Завршните зборови во случајот беа изнесени на рочиштето на 6 октомври, по што судот го закажа денешниот ден, 9 октомври, за објавување на одлуката.
Јавниот обвинител Љубомир Лапе побара Бојковски да биде прогласен за виновен за убиствата на Станче Каровска, Јанка Антевска, Марија Маринковска и Мира Станковска, како и за обидите за убиство на Росанка Трајковска и Слоботка Арсовска.
Во завршните зборови, обвинителството посочи дека делата биле извршени на сличен начин, а меѓу клучните докази ги издвои ДНК-трагите пронајдени кај дел од жртвите и кај една од жените што ги преживеале нападите.
Обвинителот се повика и на психијатриското вештачење, според кое постои висок ризик обвинетиот повторно да изврши кривични дела, како и сериозни пречки за неговата ресоцијализација. Според обвинителството, овие наоди се дополнителен аргумент за изрекување доживотна казна затвор.
Одбраната, застапувана од адвокатот Тони Цветковски, кој на Бојковски му е доделен по службена должност, побара судот при одмерувањето на казната да ги разгледа и олеснителните околности.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста поради сериозноста на обвиненијата. Со денешното објавување на пресудата се очекува да заврши првостепената постапка пред Основниот суд во Куманово.






