Денот Д за оставка на премиерот

Процедурата за избор на новата техничка влада треба да заврши до 28-ми јануари на полноќ. Со какви резултати заминува Ковачевски?

 

Од опозицијата го критикуваа дека нема легитимитет, бидејќи не добил поддршка од граѓаните на избори, туку единствено доверба од Заев. Стапи на премиерската функција во тежок период, обременет со четири кризи – енергетска, епидемиска, економска и евроинтеграција. Знаеше дека неговата влада ќе биде во трка со времето и најави „работа веднаш“.

Се заложи да престанат политичките, етничките и социјални поделби, да престане говорот на омраза и поттикнување песимизам.

„Да ги тргнеме личните и теснопартиските интереси настрана, бидејќи сега повеќе од било кога мора да соработуваме во интерес на граѓаните“, порача Димитар Ковачевски пред две години.

Ни тогаш, ни потоа, не го спореше начинот на кој е „претставен“ во јавноста.

„Многумина ме карактеризираат како технократ. Во ред. Се нафатив на оваа обврска и одговорност, не затоа што е лесно и убаво, туку затоа што е тешко и затоа што сум убеден дека мора да се најдат решенија. Во Владата ќе понудам концепт на управување и работа кој нема да објаснува зошто нешто не може да се заврши и колку е тоа тешко, туку модел во кој секој ќе знае што, како, кога и зошто ќе работи. И ќе се мерат резултатите на сработеното, а не на плановите. Бидејќи од ветувања и надежи не се живее”, порача Ковачевски пред две години.

Резултати во економија, фијаско со евроинтеграцијата

Две години подоцна, како се мери сработеното?

Според аналитичарот Џелал Незири, владата на Ковачевски во текот на изминатите две години, постигнала неколку значајни резултати во областа на инфраструктурата и економијата.

„Започна со изградба на Коридорот 8 и 10д, има пораст на странски инвестиции, намалена стапка на невработеност, покачување на минималната и просечната плата, на пензиите и така натаму. Но потфрли во две клучни области: интеграција во ЕУ и борба против корупцијата“, оценува Незири.

Северна Македонија коридор 10
Премиерот Ковачевски на означувањето на почетокот на изградбата на коридорот 10 (архивска фотографија)Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Посочува дека неказнивоста и протекционизмот придонеле кон распространување на корупцијата и организираниот криминал, а се случиле и неколку скандали за кои нема праведен и правен епилог. Но и фијаско на планот на ЕУ-интеграцијата.

„Целиот процес на спроведување на Францускиот предлог на крај заврши во ќорсокак, при што земјата продолжува да тапка во место во моменти кога ЕУ е спремна да трча кон неа. Отсуството на реален дијалог со опозицијата, ексклузивниот пристап во решавање на спорот со Бугарија, како и макијавелистичките обиди за изгласување на уставните измени, резултира со враќање на блокадата во евроинтеграциите, при што земјата не успеа да ги отвори првите поглавја во преговарачкиот процес. Ова фијаско потоа беше проследено со понатамошно деградација на правосудниот систем на државата, при што во неколку наврати реагира и странски амбасади“, потсетува Незири.

„Ако би требало да дадам оценка од 1 до 5, на оваа влада би ѝ дал 2+“, вели тој.

Трет технички премиер

Ковачевски денеска (25.01) нема да добие свидетелство со оценки, туку ќе поднесе оставка за да се отвори пат за формирање на техничка влада задолжена за спроведување на изборите. Талат Џафери, ќе биде третиот премиер на тeхничка/преодна влада според моделот кој за првпат беше воведен за изборите во 2016 година, како обврска од Договорот во Пржино од 2015 година. Прва техничка влада, воедно и рекордер во стажот, е преодната влада предводена од Емил Димитриев, избрана на 18 јануари 2016 година и распуштена на први јуни 2017 година. Бидејќи имаше две одложувања на изборите, техничката влада на Димитриев функционираше цели 16 месеци. Техничката влада предводена од Оливер Спасовски, функционираше осум месеци. Изборите кои првично беа закажани за април 2020 година, беа одложени поради ситуацијата предизвикана од Ковид-19, и потоа поместени во јули.

Според роковите, целата процедура за избор на новата техничка Влада треба да заврши до 28-ми јануари на полноќ.

Како иден мандатар на техничката влада, Џафери вчера најави дека до Собранието ќе предложи целосен состав на новата влада, доколку од ВМРО-ДПМНЕ до него достават предлози за министри и дополнителни заменик-министри. Оваа позиција е различна од онаа на премиерот во заминување, кој пред неколку дена изјави дека министерските и дополнителните заменик-министерски места кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада, треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.

ВМРО-ДПМНЕ предложи кандидати

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа ги потврди своите кандидати за техничката влада, истите кои партискиот претседател претходно ги соопшти во тв-интервју. За министер за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, адвокат, магистер по кривично право и криминологија. Ѓоко Велковски е предложен за министер за труд и социјална политика, ресор во кој работел повеќе години на различни работни позиции, а бил и генерален секретар на Град Скопје од 2021 до 2023 година. За дополнителен заменик министер за финансии е предложена Елена Петрова, економист со над 25 годишно работно искуство во Управата за јавни приходи. За дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација е предложен Стефан Андоновски, меѓународен секретар на партијата, советник во Советот на Град Скопје, магистер по меѓународни односи на Универзитетот Џонс Хопкинс во САД и во моментов докторанд на Правниот факултет на УКИМ. Цветан Трипуновски е предложен за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој е земјоделски инженер со работно искуство во Министерство за земјоделство, поранешен директор на Државниот земјоделски инспекторат и на државната фитосанитарна лабораторија. Претседател е на партиската комисија за земјоделство, а во претходната техничка влада исто така беше на позицијата дополнителен заменик министер за земјоделие.

Без поддршка за владата

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и член на ИК, Тимчо Муцунски, синоќа објасни која е причината за нивно за учество во техничката влада.

„Ова се петте кадровски решенија со кои ВМРО-ДПМНЕ ќе го даде својот максимум за одржување на фер и демократски избори, што практично е и улогата на техничката влада. Причината поради која ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да земе учество во техничката влада е затоа што во Македонија никогаш не било полошо – се наоѓа во тешка ситуација, заглавена во криминал и корупција“, рече Муцунски.

Прашан – како пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат на собраниската седница, Муцунски го повтори ставот што го кажале пред неколку недели.

„Јавно кажавме дека ние нема да гласаме за поддршка на влада која што ја предводи лице предложено од страна на ДУИ. Ние ќе ги дадеме нашите предлози за двајца министри и тројца дополнителни заменици – министри, но поддршката на нашите пратеници, согласно со одлуките на органите на партијата, таа влада нема да ја има“, изјави Муцунски.

Од сите пет предлози, Законот за Владата ја обврзува ВМРО-ДПМНЕ да се консултира со СДСМ и со ДУИ единствено за кандидатот за министер за внатрешни работи.

„Министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на РСМ, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број пратеници во Собранието на РСМ“, се вели во член 44, став 2 од Законот за Владата.

(dw)

Back to top button
Close