Деспотовски најавува кандидатура за лидер на СДСМ, предлага концепт во кој членовите на партијата ќе ги бираат функционерите во извршната власт

Одлуката на Димитар Ковачевски, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски да се повлече од функцијата во партијата е задоцнет чекор, но чекор во вистинска насока.

Ова вечерва во Дневникот на ТВ Сител го изјави Јован Деспотовски, актуелниот директор на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) и член на СДСМ, оценувајќи ја оставката која ја поднесе партискиот лидер Димитар Ковачевски на последниот состанок на Извршниот одбор, но и за одлуката кога би се извршил изборот на нов лидер на СДСМ, како и дали тоа е она што се очекува да се случува во СДСМ.

„Она што го очекувам е во следниот период без одлагање и останатите носители на функции во рамки на партијата да го следат истиот чекор, за да се растерети дискусијата во рамки на партијата од темата одговорност и да преминеме директно на прашањето поврзано со причините. Паралелно на ова, партиските органи треба да организираат гласањето за нов претседател на партијата“,

Според него, треба да се дефинираат причините за она што му се случило на СДСМ на последните парламентарни избори, односно каде се изгубила позитивната енергија која ја имале пред неполни осум години и како што посочи, како успеале да ја изгубат довербата на граѓаните.

„Треба да се знае зошто СДСМ после осум години се најде на ова ниво на кое е“, вели Деспотовски.< За тоа кои се причините, Деспотовски вели дека се повеќе, но главно е дека биле заборавени потребите на луѓето, односно оставиле премногу долго да доминира темата за уставните измени, за која како што рече, се користела од многумина носители на јавни функции како изговор за да не се фокусиураат на она што им е работа. „Се создаде впечаток дека СДСМ не е доволно не е доволно моќен во рамките на својата влада, каде е најголем, каде е најјака политичка партија, да наметне политика и да ја спроведе таа агенда. Луѓето не би гласале, јас не би гласал за некој кој ветува, но имате впечаток или не сте сигурни дека ќе го испорача. Во голема мера политиките и агендата не беа секогаш наши. Но, вината не треба да ја гледаме во други, туку исклучиво во СДСМ“, Следното раководство на партијата, според него, прво треба да работи со членството, со граѓаните да ги поттикне да ги слушаат што зборуваат, а потоа, како што рече да работат да ја вратат довербата, која според него, ја загубиле најмногу кај граѓаните. На прашањето дали повторно би се кандидарал за претседател на партијата, Деспотовски рече дека веќе сериозно работи со посветен тим на разработка на концепт, односно програма за тоа како партијата треба да продолжи понатаму. „Сега не е момент кога треба да исполнуваме лични амбиции и цели. Не треба да зборуваме за „јас“. Концептот што се подготвува зборува за „ние“. Тој концепт обединува, не фаворизира никого. Ни треба концепт и програма. Не е доволно да зборуваме за мене, треба да зборуваме за сите нас. Како ќе продолжиме понатаму“, Доколку би бил избран за претседател на СДСМ, според него, партијата би се залагала за политика на подадена рака на нашиот политичкиот опонент, особено во делот на економијата. „Треба да им покажеме на луѓето дека сме ги разбрале“, рече Деспотовски. Според него, репреговарање на преговарачката рамка и уставни измени со одложено дејство, односно она стои во програмата на нивниот опонент треба да им се даде можност тоа да го остварат. На прашањето дали на СДСМ му е потребно обединување и како тој би работел на комуникацијата со Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ, Деспотовски рече дека гласачите на Максим се разочарани членови на СДСМ, а тие природно се првите на кои треба да им подадат рака, отворена врата треба да постои, но како што додаде, тоа не треба да биде пазар, туку треба да се најдат во принците по кои можат да функционираат. „Она што го предлагаме во програмата е како партиските функционери да останат одговорни кон граѓаните, а тоа е систем преку кој членовите на партијата директно ќе ги бираат и кандидатите за претседател и за премиер и за носители на листи. На тој начин носителите на јавни функции ќе останат верни на граѓаните и членовите, а не на партискиот врв. Кога би го имале овој систем, Максим Димитриевски немаше да се случи“,вели Деспотовски. За тоа дали односот со Димитриевски бил грешка, Деспотовски рече дека од сегашна перспектива бил грешка и ја чинело партијата, особено, како што додаде, во очите на граѓаните. „Битката во Куманово беше непотребно отварање на фронт и крварење на партијата“, рече тој. Според него, СДСМ ги изгубила изборите, како што рече „дебело“, но сепак, нема илузија дека довербата кај граѓаните брзо ќе се врати. „Со конкретни работи и со добар тим би играле широко. Не е невозмошно и очекувам веќе на следниот изборен процес СДСМ ќе покаже еден тренд на сериозно зајакнување“, рече тој.

Back to top button
Close