Детектор: Жените ги рушат бариерите

Kога светот се фокусира на постигнувањата на жените, но и на предизвиците со кои се соочуваат Детектор во соработка со мисијата на ОБСЕ во земјава низ примерот на 5 успешни жени во специјалната емисија “Жените ги рушат бариерите“ анализира. Како е да се биде понежниот пол во средина која често не е воопшто нежна.

Таков беше и патот на професорката Гордана Сиљановска Давкова која е првата жена која доби мандат да биде претседателка. Не ја крие целта жената да стане повидлива во општеството.

„Покрај стручноста и компетентноста се разбира дека се обидувам да ги направам жените видливи. Во сите тела околу мене се паритетно застапени. Претседателка на Советот за млади е жена. претседателка на комисијата за помилување е жена. Зошто треба да се атакува на најмашките позиции? За да може напред да се оди.

И замислете што се случи. Кога јас именував жена на чело на Агенцијата за разузнавање што би се рекло на ЦИА, и заменичка, стана жагор. Замислете, биле дискриминирани мажите, па дури и едно чудо постапки ми покренаа.“ – вели за Детектор Претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

На иста линија беше и првата жена гувернерка на Народната банка, Анита Ангеловска- Бежоска која констатираше дека жените се уште се помалку застапени на раководни позиции во бизнис секторот. Објасни дека и покрај недостатокот на работна сила на пазарот се уште повеќе од половина од жените не се вработени.

„Ако продолжи прогресот со оваа стапка, со оваа динамика, ќе бидат потребни 140 години за да се постигне рамнотежа помеѓу застапеноста на мажите и жените во управувачките одбори. Состојбата кај нас во нашиот финансиски сектор можеби е малку подобра од тоа што во просек е оваа глобална статистика, меѓутоа се уште не се доволно застапени жените, особено не на раководните позиции.

Да го земам за пример банкарскиот сектор каде што учеството на жените во вкупниот број е високо, 70%, но ако се гледа застапеноста во раководните структури во управните одбори на банките е само 32-33% при што имаме пет банки, замислете, каде што нема ниту една жена застапена во управниот одбор, а слична е состојбата и во надзорните одбори на банките “ – вели Гувернерката на Народната Банка Анита Ангеловска Бежоска за Детектор

Многу личен труд, амбиции, визија и стратегија се влогот на секоја жена зад која стои успешна кариера, рече Влора Адеми, основачка на ИТ компанијата Дигикјуб

„Најважно за да се постигне една жена, да си прва, дали како претприемач, дали во IT или  слично, треба многу труд, личен труд, амбиции, визија, стратегија, пат, бидејќи тоа е единствениот начин. За жал кај нас не постои таков еко систем кој што те поддржува или те поттикнува или на некаков начин ги идентификува жените кои што имаат потенцијал за да постигнат успех не само во претприемачкиот свет, туку и во светот на политиката или слично“ – вели Влора Адеми.

Дека патот не е лесен сведочеше и олимпијката и македонската спортистка на годината Милјана Рељиќ која открива дека често се соочува со разни стереотипи, особено имајќи предвид дека одбрала боречки спорт кој се перцепира како „машки“. Сепак, како што вели тоа не ја спречува да го живее својот сон.

“Да се биде жена во спортот е навистина понекогаш предизвикувачки, затоа што тука се сретнувам со коментари од стереотипот како може една жена да тренира боречка вештина, зашто не сум одбрала на пример балет или играорна. Но сите тие коментари не ме спречуваат во остварување на сонот, да постигнувам високи резултати и навистина тука жените во спортот понекогаш се соочуваат со проблеми како што е помала медиумска посветеност, полоши услови за тренирање“ – вели во Детектор Милјана Рељиќ.

Во својот сон, живее и првата Македонка аналоген астронаут Мартина Димоска иако Македонија не нуди можности за развој на нејзината кариера.

„Како сама единка што сама придонесува кон ваков пат потекнувајќи од Македонија при регулативи во вселенскиот сектор во секоја држава каде што не можеш да припаѓаш поради тие регулативи, јас можев да стигнам само до аналоген астронаут. Патот се уште го одам и го отворам за новите генерации што сакаат да се бават со вселенски науки меѓутоа јас не можам да станам државен астронаут ако државата не вложи во тоа“ – објаснува во Детектор Мартина Димовска.

Но борбата за еднаков статус, поголема застапеност и повидлива општествена улога никогаш не треба да запре порача Ирена Јакимовска, директорка на Комфи Ангел.

„Најголемиот предизвик за една жена е да ги искомбинира сите три работи коишто се неопходни и што ја дефинираат да е жена. Знаете, треба сите вака да размислуваме. Пола од овој свет е женска популација, а останатата пола е родена од жени.

Значи, тие наши карактеристики, племенитоста којашто ве прави да сте поинакви, жената кога станува мајка или кога е жена, истовремено да може да направи баланс помеѓу приватниот Живот и она што е деловниот живот.“ – рече Ирена Јакимовска.

Детектор по повод Меѓународниот ден на жената 8 март специјалната емисија „Жените ги рушат бариерите“ ја реализираше со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во земјава.

Back to top button
Close