Детската клиника во Скопје доби медицинска опрема вредна околу 2,7 милиони денари
Клиниката за детски болести во Скопје денеска прими донација – медицинска опрема или пет значајни медицински апарати – плазматерм, билирубинометар, ехо апарат за тироидна жлезда и други органи, видео ларингоскоп и ЕКГ холтер, со вкупна вредност од околу 2,7 милиони денари, информираше попладнево директорот Реџеп Мемеди во изјава за медиуми.

Мемеди се заблагодари на Фондацијата „Ице Бегов“, на Антонио Пандовски и на сите донатори кои ја поддржале хуманитарната акцијата „За нашите мали херои“.
-Оваа иницијатива е еден голем хуман гест, од причина што оваа медицинска опрема директно ќе влијае на унапредувањето на квалитетот на здравствената грижа, дијагностиката и третманот на околу 70.000 деца, кои годишно се третираат на Клиниката за детски болести. Секој од овие апарати ќе направи реална, мерлива разлика во секојдневната работа на нашите медицински тимови и во грижата за секое дете што ќе дојде на Клиниката. Да изразам искрена благодарност до Фондацијата „Ице Бегов“ за ангажманот, транспарентноста и за фактот што со голема посветеност го реализираа овој проект. Благодарност и до Антонио, чиј подвиг од 600 километри трчање до манастирот Острог беше пример за храброст и човечност, подвлече директорот.
Тој нагласи дека оваа соработка е доказ дека вистинските промени се можни кога институциите, фондациите и граѓаните работат заедно. Воедно се осврна и на тоа зошто оваа опрема е толку важна.
-Плазматермот е критичен за безбедно одмрзнување и загревање плазма во итни состојби, што е од големо значење за нашите најтешки пациенти. Билирубинометарот овозможува брзо, безболно и безкрвно мерење на билирубин кај новороденчињата – особено важно во првите денови од животот. Ултразвучниот апарат обезбедува висококвалитетна дијагностика на тироидна жлезда, тестиси, бели дробови и други органи и ни овозможува побрзо и поточно проценување на состојбата. Видео ларингоскопот значително ја зголемува безбедноста при интубација кај деца – процедура што бара прецизност и стабилност. ЕКГ холтерот овозможува 24-часовно следење на срцевите ритамски нарушувања кај децата, што е клучно за точна дијагноза, истакна Мемеди






