Диференцијација

Не знам каков, и дали воопшто некаков ефект имаа(т) некои од досегашните „совети“ за неопходниот нов курс (да не речам реформи) во културата – очекуван и посакуван секако – но меѓу последните, но не по важност, секако би било приоритетното (и темелно) реструктурирање не само на културата туку на целото општество. И тука мислам на кадровска, професионална, стручна… но и морална/етичка детоксификација, дезинфекција, дезинсекција… диференцијација, во сите сегменти. Иако одамна и сериозно не’ има зафатено токму болеста на селективното односно краткото паметење, и тоа главно врз основа на роднинско-пријателски релации (што би рекле: непотистички!), при што власта милува да се опкружи со „свои луѓе“ – кои и да се и какви и да се – според правилата на „бункер системот“, кадешто не може/не смее да припари никој „од надвор“. А всушност – сите ние простосмртни сме тие „од надвор“ зашто не сме „крстени“ со нивната партиска и роднинско-пријателска водичка!

Неброено пати сум пишувал за неопходноста од темелна диференцијација во културата – но и во целото општество – но прашањето е се’ уште актуелно, ако не и итно. Зашто, извинете, обратниот процес, односно зачувувањето на статус квото во културата, со сите оние партиски „кадри“ (независно од партиската провениенција, иако и таа е главно позната!) – особено во Министерството за култура! – кои доведоа до ваквите катастрофални состојби е рамно на – самоубиство! И тоа најдобро го видовме во овие три години, кога под наметката на некаква лажна социјала/грижа „за човекот“ не само што на тие партиски „кадри“ не им фалеше ни влакно од (празната) глава туку најголемиот дел си ги зачуваа стекнатите (често и функционерски!) позиции, а новите партиски „кадри“ одлесно си ги прифатија како (наводно) стручни и компетентни компањони, или пак недопирливи животинки, иако никој не знае според кој критериум, основ и/или пропис!

Таквата состојба (повторно) се покажува неодржлива, а само ќе се докомплицира и доусложнува со секој изминат месец/година. Особено во мала земја како Македонија, со сите можни лично-семејно-пријателски и партиски релации и дај-дам врски, често коруптивно-криминални. Тоа што не се направи во 2017 година, сега ќе се направи малку потешко зашто во меѓувреме културата дополнително се оптовари со нови „кадри“, еднакво неспособни како и старите. И тоа е најдобро видливо по бројот на администрацијата во Министерството за култура, којшто само за една деценија е дуплиран, како и во културните институции каде наместо неопходниот стручен кадар беа вработувани исклучиво партиски пулени, и тоа оние од најлош тип! Оттука, ниту една реформа во културата, ниту еден сериозен реформски проект нема да може да биде спроведен во услови кога неквалитетниот, нестручниот, непрофесионалниот кадар е во силно мнозинство.

Кој може да го разреши проблемот? На крај памет не ми паѓа да заговарам онакви малоумни лустративни или слични комисии со нови мали и налудничави наполеончиња кои мразат се’ околу себе. Таа работа може да ја изведе никој друг туку самата држава: актуелните министри, новите (или старите, сеедно, ако се квалитетни) директори на институциите… но пред се’ Владата, на начин и во постапка во рамките на закон/пропис и здравиот разум! (Некој може да каже дека тие многу често се спротивставени, нели. Ама законите/прописите се менливи, така? Ако сакаме, се разбира). Ако, имено, се вратиме неколку години назад, на онаа идеја на тогашниот премиер Заев за комплетна и комплексна диференцијација во судството – од којашто се отстапи а никој не разбра зошто! – ќе видиме дека тоа е единствениот можен начин на справување со состојбите не само во македонската култура туку во целата државна администрација! Како и зошто тогаш го разубедија премиерот ќе се дознае некогаш, ама денес процесот сигурно ќе беше завршен, ќе ги немаше оние судии кои носат ослободителни пресуди за сообраќајки со смртни последици, ќе немаше и многу други корумпирани и кримогени персони заседнати врз вратот на македонското правосудство. Тоа дефинитивно можеше да се направи, а советниците кои го убедувале дека не може биле – лоши советници, со лични интереси. (Инаку, што ќе ви се советници, и тоа за дебели пари, кои ќе ви кажат дека нешто не можете да направите а не ви кажуваат како би можеле тоа да го направите?!).

Знам дека и во културата се заплеткани секакви интереси, ама сепак е поедноставно отколку во правосудството. Впрочем, сите нешта во институциите се разрешуваат преку нивните статути и систематизации. Како впрочем и во Министерството за култура. Следствено, една добра и искусна екипа може да ги среди работите за три месеци, не подолго. И систематизациите да заличат на сериозни документи на сериозни институции, а неспособните да си заминат дома и да ги отстапат местата на стручни и професионални кадри. That simple!

Се разбира, секогаш ќе има приговори, особено оние од типот дека културата баш и не е толку важна во овој миг, дека судството, здравството… и сите други со ред се многу побитни, ама тоа значи повторно враќање на старите изветвени муабети за кокошката и јајцето. Или, ако баш сакате, таквите муабети го доведоа и Охрид на ова дереџе, а и целото културно наследство во државава. И не само него. Токму отсуството на диференцијацијата, на конечното елиминирање на влијанијата – директни и/или индиректни – прво на оние кои го доведоа ова наследство на овие ниски гранки, а потоа и на сите кои работат во оваа осетлива област. Тука, немам дилеми, спаѓаат и приличен број стручни и компетентни но морално/етички хендикепирани персони кои извршуваат политички наредби без око да им трепне, дури и по цена на уништување на објектите. Извинете, но нивните евентуални магистратури и докторати можат да им ги врзат за опаш на моето маче – оно особено ужива да си игра со такви – зашто таков стручен но послушен кадар имаше и Германија во 1933 година, имаше и Русија во времето на Сталин… Кому и за што му требаат такви персони?

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close