ДИК го поништи гласањето на неколку избирачки места, ќе има прегласување

Државната изборна комисија го поништи гласањето на четири избирачки места – 2102 во Желино, 1272 во Охрид и 1194 односно 1202 во Крушево.

Одлукате е донесена по поднесени приговори од коалицијата Вреди и Коалицијата „Твоја Македонија“.

Според информациите, приговорот за во Желино е поднесен бидејќи 110 гласачи кои го оствариле избирачкото право немале отпечаток од прст во фингер принт уредот, туку тие гласале само по матичниот број и скенирање на личната карта.

Претседателот на ДИК – Александар Даштевски истакна дека по извршеното пребројување за избирачкото место 1272 во Охрид, утврдено е дека записникот не е правилно пополнет, има и корекција во делот на гласачи внесени со рачен внес.

Во Крушево пак, приговорите за двете избирачки места се усвоени поради несовпаѓање на бројките од записникот со оние од уредот за биометриска идентификација.

За изборните резултати до ДИК беа поднесени 27 приговори – девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Претседателот на ДИК Даштевски на седница на ДИК посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.

Back to top button
Close