Димитриеска – Кочоска: Инфлацијата не е проблем само во Македонија туку во цела Европа – нема магично стапче за решавање на тој проблем

Инфлацијата не е проблем само во Македонија, туку проблем е во цела Европа. Ова е резултат на пост-ковид пандемијата, меѓутоа не е само резултат на тоа, туку на недостигот на работна сила на секоја една земја членка од Унијата. По природен пат имаме притисок, пред сѐ, во приватниот сектор каде што просечната плата расте, ние во Македонија имаме раст на просечната плата за една година 10,1 процент, а инфлацијата во последниот месец е 4,8 проценти, што значи животниот стандард не е подјаден, напротив имаме поголем раст на платите, отколку што е растот на инфлацијата, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, вечерва, на гостување во Тема на денот на Сител телевизија.

Нема магично стапче кога станува збор за инфлацијата, рече Димитриеска – Кочоска и нагласи дека тоа е проблем којшто бара коренити реформи. Државата, додаде, на краток рок може да ги замрзнува цените или маржите, но, како што кажа, на подолг рок на државата ѝ требаат поголеми реформи во областа на производство на храна, како и во начинот на субвенционирање на земјоделството.

– Најголемиот раст го има кај зеленчукот и овошјето и тоа не е случајно, најпрво, затоа што имавме таква пролет каква што имавме и немаме доволно производство. Ни требаат повеќе инвестиции во делот на земјоделството кои што ќе го заштитат производсвото од ран мраз, суша, град и тн. Има такви инвестиции кои што се познати во соседните земји треба само да пристапиме кон тоа, но тоа не дава резултати преку ноќ. Во исто време, треба да поддржуваме отворање на нови производствени капацитети, бидејќи инфлацијата ние најмногу таму ја чувствуваме, како и во угостителството, кое што од друга страна се поврзува со растот на просечната плата, а тоа е нешто што ќе трае поради недостигот на квалификувана работна сила која што ќе прави притисок понатаму на инфлацијата, рече Димитриеска – Кочоска.

Владата, додаде, подготвува некои мерки и наскоро ќе излезе со предлози, но, како што рече, повторно тие би биле на краток рок, додека, според неа, на државата ѝ треба решение кое што би било подолгорочно.

Прашана дали се можни олеснувања на ДДВ на основни прехранбени производи или останати продукти со кои што би се можело да им се помогне на најранливите категории на граѓани во државата, министерката посочи дека Владата ги анализира таквите состојби, но, сепак, рече, базичната инфлација е онаа која што ги прави притисоците периодов, нагласувајќи дека „угостителските услуги растат како резултат на растот на просечната плата, значи треба да се направат анализите каде сѐ имаме најголеми придвижувања на инфлацијата, а потоа да носиме одлуки дали и колку ќе треба да се коригира ДДВ-то“.

Во врска со евентуалното зголемување на минималната плата, министерката рече дека разговорите се водат во рамки на Социоекономскиот совет, каде што, како што нагласи, одлуката треба да произлезе од договор меѓу работодавачите и синдикатите.

– Зошто не се мешаме? Затоа што двете страни треба да се договорат – едните треба да плаќаат, другите да примаат пари. Ние оставаме работодавачите и работниците сами да се договорат. Колку ќе договорат тие, ние толку ќе го прифатиме како процент, апсолутен износ, изјави министерката, додавајќи дека евентуалното зголемување на минималната плата би резултирало со повисоки приходи во државниот буџет.

Во однос на реконструкцијата на железничката пруга Скопје–Кичево, Димитриеска-Кочоска информира дека е премногу рано да се зборува за финансиската конструкција, бидејќи се чека завршување на физибилити студијата, која е во надлежност на Министерството за транспорт.

За постапката за враќање на средствата на компаниите кои го платија солидарниот данок, министерката посочи дека процесот е во тек. – Компаниите веќе праќаат кон нас дописи со кои не информираат. Мислам дека до 10 септември треба да ги прибереме сите понуди, потоа ќе ја информираме Владата и понатаму ќе си почне постапката, изјави Димитриеска-Кочоска.

Претходно, таа се осврна на Меморандумот за соработка на Македонија со седум земји членки на Европската унија, нагласувајќи дека се работи за најголемиот исчекор направен од страна на Министерството за финансии којшто се однесува на приватниот сектор.

– Суштината на овој меморандум за соработка е да се формира една берза на која што ќе може да се тргува и со новоиздадени хартии од вредност, не значи тоа да бидат само акции туку да бидат и обврзници. Ова е голема можност за македонските компании кои што имаат потреба од финансиски средства, а притоа многу потешко можат да ги убедат банките за поддршка. Одлична можност за македонските компании да можат да издаваат било да е обврзници или акции, во исто време го прошируваме пазарот така што наместо само македонските граѓани да можат да ги купуваат овие хартии од вредност, ќе можат и граѓаните на седумте земји членки, рече министерката.

Дополни дека е горда што што Македонија е дел од оваа иницијатива, бидејќи таа е пред сè насочена кон тоа да им помогне на компаниите полесно да дојдат до финансиски средства и да создадеме подинамичен пазар на капитал.

Back to top button
Close