Димитриеска Кочоска: Со задолжувањето од Унгарија заштедивме многу пари, бидејќи е со исклучително ниска каматна стапка


Со задолжувањето кое што го обезбедивме од Унгарија во износ од една милијарда евра заштедивме многу пари, бидејќи е со исклучително ниска каматна стапка споредено со тоа доколку излезевме на меѓународните пазари, истакна вечерва министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, на трибина во Прилеп на тема „Економски раст и дигитална трансформација“, во организација на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Димитриеска Кочоска во своето обраќање истакна дека бил затекнат катастрофален буџетски дефицит и необезбедени средства за основни обврски, но, како што рече, со ребаланс и одговорни политики Владата успеала да ја стабилизира состојбата и да обезбеди економски раст. Нагласи дека Министерството за финансии го калкулира секој заштеден денар, бидејќи, на тој начин, вели, Владата ќе може да помогне на одредена институција.

– Дали биле 10, 20 или 30 милиони евра не е важно, бидејќи станува збор за навистина лоша состојба во економијата и секој еден денар којшто ќе го заштедиме ние го калкулираме дека со тоа ќе можеме да помогнеме на одредена институција за нешто да направи со заштедените пари. Сметам дека и 500 илјади евра да заштедиме, а не се толку, туку се многу повеќе, сметам дека сме направиле добро дело затоа што наједноставно кажано можеби ќе можеме да опремиме две или три градинки, училишта со некаков помошен материјал или клупи столчиња за учениците. Сметам дека тоа е единствениот исправен начин, без оглед на тоа колку ни е тешко нам во Министерството за финансии, рече Димитриеска Кочоска.

Истакна дека јавниот долг е намален за 36 милиони евра во првиот квартал. Принципот и суштината на работењето на Владата, вели, е во тоа што избегнува државата да плаќа непотребни камати, појаснувајќи „предвременото задолжување, на пример, да земеме задолжување во февруари, а парите да ги користиме во јули, ќе значи неколку месеци плаќање на камати непотребно“. Бројот на вработени, рече, е зголемен за 15.000 лица во првиот квартал од годинава во однос на првиот квартал од минатата година.

– Во првиот квартал од годинава, во однос на првиот квартал од минатата 2024 година бројот на вработени е зголемен за 15.000 лица, тоа е сериозна бројка во услови какви што наследивме, што значи за многу краток временски период сме успеале да направиме навистина чуда … Во првиот квартал од нашето работење, исто така, успеавме да го намалиме јавниот долг за 36 милиони евра, нешто што никогаш во седум години владеење на СДСМ не се случи … Суштината на нашето работење е во тоа што не сакаме да плаќаме камати непотребно. Сметам дека предвременото задолжување, на пример, да земеме задолжување во февруари, а парите да ги користиме во јули, ќе значи неколку месеци плаќање на камати непотребно, рече Димитриеска – Кочоска.

Се осврна и на досегашните успеси на Министерството и лошото менаџирање од страна на минатата Влада. Вели голем дел од законските обврски на претходната Влада не биле обезбедени. Како што рече министерката, претходната влада немала предвидено доволно средства дури ни според својата методологија, односно недостигале 800 милиони денари за загарантираната минимална помош, милијарда и 700 милиони денари за здравството, 1 милијарда за ТИРЗ, 437 милиони за студентски оброк и 207 милиони за студентски стипендии.

Додаде дека не биле обезбедени ниту 300 милиони денари за блок-дотации, ниту 330 милиони за изборни активности, а беа потребни околу 5 милијарди денари за гаранции и покривање на обврски на јавните претпријатија, кои се наоѓаа во сериозна финансиска криза поради неодговорно управување.

– Голем дел од законските обврски на претходната Влада не беа обезбедени, ние успеавме преку прераспределби да обезбедиме 4,1 милијарда денари за плати, согласно колективните договори за кои требаше, а не ги обезбедија притоа потпишуваа договори за време на избори без да имаат обезбедено средства за истото. Понатаму 5,5 милијарди денари за пензии, загарантираната минимална помош која што ја исплаќа Министерството за социјална политика демографија и млади 800 милиони денари и тука бевме куси за тој износ. За здравството 1 милијарда и 700 милиони денари, во ТИРЗ беа потребни дополнителни една милијарда денари, немаа обезбедено средства за студентски оброк 437 милиони денари и за стипендии во износ 207 миолиони денари. Исто така немаа обезбедено 300 милиони денари за блок-дотации, за изборните активности кои што знаеја дека се случуваат, требаше некаде околу 330 милиони денари и она што беше важно требаше да се обезбедат 5 милиони денари плаќање обврски за јавните претпријатија кои што беа во страшно лоша финансиска состојба, рече Димитриеска Кочоска.

Back to top button
Close