Дипломати од ЕУ: Вашингтон ѝ го сврте грбот на Украина

Мировниот процес во Украина, кој САД се обидоа да го започнат, е сè понеизвесен, бидејќи политичкото внимание на Вашингтон постепено се пренасочува кон конфликтите на Блискиот Исток.

 EPA-EFE/JAVAD PARSA NORWAY OUT

Според британскиот весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори во европските дипломатски кругови, интересот на американскиот претседател Доналд Трамп за украинските мировни преговори ослабнал, додека ескалацијата на кризата со Иран го поместила украинското прашање од врвот на американската надворешна политика.

Според четворица дипломати на ЕУ вклучени во контакти со украинската страна, новиот бран тензии на Блискиот Исток значително го одвлекол вниманието на Вашингтон од преговорите што требаше да доведат до крај на конфликтот меѓу Русија и Украина. Според нивните проценки, таквата промена на приоритетите е во корист на Москва.

Европски извори укажуваат дека порастот на цените на нафтата, како и намалениот притисок од санкциите, создаваат поповолни околности за руската страна. Во исто време, во дипломатските кругови расте загриженоста околу информациите дека американската воена помош за Украина, првенствено во областа на муницијата и системите за воздушна одбрана, повеќе не е приоритет.

 

Висок европски функционер оцени дека разговорите меѓу украинските и руските претставници, кои се водат со посредство на САД, се „навистина во опасност“. Според него, дипломатската динамика што постоеше на почетокот на годината сега е значително забавена.

Слична проценка даде и еден од европските дипломати вклучени во процесот, нагласувајќи дека „Блискиот Исток сериозно го одвлече политичкото внимание“ од украинското бојно поле.

 

„Ова е катастрофа за нас и за Украина“, рече тој, посочувајќи на стравувањата дека продолжувањето на таков тренд може да доведе до понатамошно слабеење на поддршката за Киев.

 

Според дипломатски извори, европските влади се информирани дека испораките на американско оружје за Украина, особено системите за воздушна одбрана, ќе бидат одложени бидејќи Вашингтон во моментов дава приоритет на испораките до купувачи од Блискиот Исток. Таквиот развој на настаните, се проценува, може да има значајни последици за одбранбените способности на украинските сили.

 

Застојот во преговорите го потврди и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

 

„Дефинитивно има пауза во преговорите. Американците имаат други приоритети и тоа е разбирливо“, рече Песков.

Последната рунда трилатерални мировни преговори меѓу претставниците на Русија, Украина и САД се одржа во Женева на 17 и 18 февруари. Следната средба, која беше планирана за 5 март во Абу Даби, беше одложена по нападите на САД и Израел врз Иран, а нов датум и локација за продолжување на разговорите сè уште не се објавени.

 

Back to top button
Close