Директорката и нејзината заменичка на „Гласот на Америка“ поднесоа оставки

Директорката на „Гласот на Америка“, Аманда Бенет и нејзината заменичка Сенди Сугувара вчера си  понесоа оставки, изјавувајќи дека Мајкл Пек, новоназначениот директор на американската агенција за глобални медиуми, кој ја надгледува работата на „Гласот на Америка“, има право да си постави свој персонал.

Искусните новинарки Бенет и Сугавара од 2016 година го предводеа  „Гласот на Америка“ и значително го проширија опфатот на известување на агенцијата, чии телевизиски и радио програми се емитуваат на 47 јазици.

Во писмото-оставка Бенет и Сугавара на вработените им порачаа дека за нив ништо нема да се промени со преземањето на функцијата од страна на Пек, како директор на Глобалната агенција за медиуми, пренесува „Гласот на Америка“.

Тие наведуваат дека Пек се заколнал пред Конгресот дека ќе се придржува кон законската одредба што ја гарантира независноста на „Гласот на Америка“.

Преземањето на американската глобална агенција за медиуми од страна на човек бризок до Трамп, кој ќе има тригодишен мандат и неодамна беше потврден во Сенатот, сепак, не помина без проблеми. Претседателот Трамп го назначи Пек уште пред две години, како близок соработник на еден од неговите најжестоки идеолошки поддржувачи и поранешен стратег на Белата куќа, Стивен Бенон. До неодамна  демократите во Сенатот ја блокираа неговата потврда, делумно заради загриженоста дека имало финансиски прекршувања во неговиот бизнис.

Во последните неколку недели Трамп го критикуваше „Гласот на Америка“ за известувањето за Кина за време на епидемијата на коронавирусот. На прашањето за номинацијата на Пек на 15 мај Трамп одговори: „Гласот на Америка“ е ужасно раководен. Тие не се „Гласот на Америка“. Тие се спротивност на „Гласот на Америка“.

Back to top button
Close