Директорот на ЕСМ: Не го познавам Душан Адамовиќ, потфрлањето во производството e поради пролонгираните ремонти

 

360°: Вие за 2025 година имате големо потфрлање во исполнувањето на планот за производство. Зошто се случи тоа?

Лазо Узунчев: Најголема причина за тоа е пролонгирањето на ремонтните активности кај блоковите во Битола, но и во електраната во Кичево. Согласно целокупната документација и наследената состојба што ја затекнавме кога дојдовме на чело на компанијата, ние утврдивме дека во тој момент Блок 1, кој не беше ремонтиран во септември 2024 година, ќе треба да влезе во капитален ремонт во 2025 година. А ремонтите на блоковите 2 и 3, кои беа само делумно спроведени во 2024 година, ќе поминат низ период на еден редовен ремонт. Со отворањето на секој од блоковите се утврди дека се наоѓаат во многу полоша состојба од таа што ја очекувавме. И наместо 60 дена капитален ремонт на Блок 1, ние инвестиравме 120 дена. Наместо редовни ремонтни активности на Блок 2 и Блок 3, таму имавме ремонти од 90 и повторно 110 дена кај Блок 3. Тоа нè фрли во една ситуација да не можеме да сметаме на производство од тие блокови во подолг временски период. И во тој период не можевме да го надополниме производството од хидропотенцијалот бидејќи, за жал, и 2025 година беше посушна, односно приливот на хидропотенцијалот, односно водните дотоци беа пониски од годишниот просек.

360°: Кога станавте свесни за проблемите со ремонтите на блоковите? Зошто ве прашувам ова – вие доаѓате на чело на „Електрани“ некаде на крајот на летото 2024 година.

Лазо Узунчев: На 28 август.

360°: Август 2024 година. Планот е за 2025 година. Имавте ли доволно време во тие неколку месеци да не предвидите толку големо производство, за сепак на крајот и потфрлањето да не ви биде толку големо?

Лазо Узунчев: Планот за производство и целиот финансиски план се носи во последниот квартал од годината. Се почнува да се работи во септември и се завршува некаде до крајот на ноември. Врз база на сите информации кои ги имавме тогаш кога дојдовме, ние направивме план што требаше да овозможи покривање на потрошувачка, а се засноваше врз база на претходни информации, односно состојбата на инсталациите и во Битола и во Кичево. Не можевме да бидеме помудри па да направиме попесимистички план, а притоа да се осигуриме дека ќе биде реализиран. Меѓутоа, целта на ова раководство не е да им погодува на медиумите и да проектира дека својата успешност се темели само врз база на тоа дали или не го реализирале планот за производство. За жал, во оваа компанија постои една тенденција каде што успешноста на работењето на компанијата исклучиво се мери со процентот на поголемо производство или помало производство во однос на претходните години. Целта на ова раководство ќе биде ние да произведеме доволно количество електрична енергија за да ја покриеме потрошувачката, но и да имаме дополнителни приходи и на тој начин да ја изведеме компанијата на здрави нозе.

360°: Следејќи ја логиката за којашто зборувате за тоа како се мери успешноста, ако ми се коректни бројките – „Електрани“ лани произвеле 2 600 гигават-часа електрична енергија од планираните 3 900, така?

Лазо Узунчев: Не. Минатата година ние произведовме 3,2 терават-часа или 3 200 гигават-часа од планираните 3 900 и сме на скоро исто ниво како 2024 година. Вие знаете дека во секоја поголема компанија обично буџетите и плановите за наредните години се прават во рамките на 3 до 5 проценти во однос на перформансите од претходната година за да бидеш на сигурната страна, меѓутоа ние не функционираме на тој начин.

360°: 3,4 или 3,2 теравати?

Лазо Узунчев: 3,2 теравати се во 2025 година, а 3,4 во 2024 година.

360°: 3,2 терават-часа е производството и во 2021 г. којашто во последните децении е најслабата година, па практично 2025 г. се израмнува со 2021 година. Опозицијата обвинува дека планот за производство на струја не се исполнува за да се остави што поголем простор за набавка на електрична енергија, алудирајќи дека тоа е просторот во којшто може да се прават некакви договори, при што се споменува дека една од главните улоги ги има министерката за енергетика, понатаму се споменува и името на Душан Адамовиќ, функционер на СНС на Вучиќ, кого Македонија го предложи за почесен конзул во Србија. Кој е вашиот коментар на ова?

Лазо Узунчев најавува дека ЕСМ ќе достави нови кривични пријави до Јавното обвинителство

Лазо Узунчев: Видете, јас никогаш досега не сум, ниту планирам да коментирам изјави од одредени политички партии. Меѓутоа, бидејќи веќе ме прашавте, јас само ќе одговорам кратко дека тоа е небулоза и надвор од која било смисла или логика. Компанијата има склучено договор со 17 добавувачи кои можат да се јават на нашите огласи за набавка на електрична енергија. Веднаш по доаѓањето на чело на оваа компанија, дадов налог сите наши набавки да бидат јавно објавени, да бидат транспарентни. Кој било може да направи анализа на компаниите кои учествуваат на тендерите за испорака на електрична енергија и таму да видат за кои компании станува збор и кој стои зад таквите компании. Така што, краток одговор на вашата констатација или прашање е дека тоа апсолутно е небулозно.

360°: Вие го познавате Душан Адамовиќ?

Лазо Узунчев: Не.

Лазо Узунчев: Ја спомнавте министерката во целата оваа констелација. Ве молам, имајте предвид дека и де јуре, но и де факто, МЕРМС или Министерството за енергетика нема никакви ингеренции врз работата на АД ЕСМ.

360°: Во однос на тоа што го кажавте неколкупати, а сте го констатирале во однос на ремонтите – дали за тоа е известено Јавното обвинителство?

Лазо Узунчев: Сè уште не бидејќи се подготвуваат материјалите за да може да доставиме кривична пријава или кривични пријави.

360°: Вие ќе ги доставите кривичните пријави?

Лазо Узунчев: Ние.

Back to top button
Close