ДКСК со потпис на Димитровска отфрлила две пријави поврзани со „Адитив“
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), со потпис на претседателката Татјана Димитровска, која е осомничена за оддавање службена тајна, отфрлила две пријави поврзани со работата на АД ЕСМ.
Според сомневањата, Димитровска во повеќе наврати од мај до декември минатата година споделувала информации со еден од обвинетите во случајот „Адитив“.
Отфрлените пријави се однесуваат токму на овој предмет, во кој меѓу обвинетите се поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, неговиот наследник Васко Стефанов, екс-директорите на РЕК Битола и ТЕЦ Неготино – Пеце Матевски и Небојша Стојановиќ, како и поранешните комерцијални директори Адријан Муча и Данчо Стојановски, пишува Телма.
Првата пријава е одбиена во јуни во 2024 година, во периодот кога Димитровска, како што се товари, одавала информации. Пријавата се однесувала за набавката на адитиви за намалување на формирање на згура-троска во котли при согорување на јаглен.
Како што се наведува во документот, пријавата била против поранешен член на Управниот одбор на АД ЕСМ, Данчо Стојановски кој е близок со Маја Јорданова, сопственичката на фирмата „Браинкоде“, која всушност му е роднина. Сега и двајцата се обвинети во „Адитив“.
Антикорупциска отфрлањето го базира на фактот дека тендерот бил во 2023 година, а Стојановски бил член на управниот одбор во периодот од 2012 до 2022 година. Поради настанатата промена на фактичката состојба, дека Стојановски не ја извршувал повеќе функцијата, ДКСК одлучила дека нема елементи за постапување по наводите во пријавата.
До ДКСК по 11 дена од првата пријава, стигнала и втора во која се посочувала сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија за истиот тендер за адитиви и за фирмата „Браинкоде“ и нејзината сопственичка Маја Јорданова, кој всушност била службеничка во пошта кога го добила бизнисот од ЕСМ.
Постапката по предметот по втората пријава запрела во декември, лани, бидејќи ДКСК утврдила дека нема елементи за натамошно постапување, бидејќи обвинителството веќе имало отворено случај.
„За предметниот случај во тек се постапки пред надлежни органи: Основното јавно обвинителство Битола и Основното јавно обвинителство Кичево кои оформиле предмети во врска со предметните наводи, а постапувањето по истите е во тек“, се вели во одлуката на ДКСК од 12 декември во 2024 година.
Инаку и претходниот состав на ДКСК отфрлил пријава поврзана со ЕСМ. Пријавата била за судир на интереси против фирма на сопругата на тогашниот директор ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. Се констатирало дека пријавата нема доволно елементи и конкретни наводи кои укажувале на незаконски дејствија. Инаку „Хем-алијанс“, семејната компанија на Стојановиќ, чиј сопственик е неговиот татко Мирко, а директор неговата сопруга Милица, во 2022 година доби тендер вреден 630.000 евра за набавка на хемикалија за потребите на РЕК Битола.